Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија наскоро ќе добие позитивни сигнали од Брисел, нагласувајќи дека земјата од последна во регионот напредувала до позиција „рамо до рамо“ со Црна Гора во исполнувањето на реформските индикатори.
Тој посочи дека се реализирани 16 или 17 од вкупно 22 индикатори за извештајниот период кој завршил на крајот на 2025 година и најави дека официјалната потврда од европските институции се очекува во наредните денови.
Во однос на преостанатите обврски, Мицкоски информираше дека до крајот на јуни треба да се завршат десет индикатори кои се во грејс-период, при што очекува најмалку седум или осум да бидат реализирани во предвидениот рок.
Премиерот откри дека Владата нема да го спроведе индикаторот кој предвидува намалување на државното учество во снабдувањето со електрична енергија, бидејќи тоа би довело до значително зголемување на цената на струјата за граѓаните.
– Ако се повлечеме од целосното учество, цената на електричната енергија може да порасне за 30 до 35 проценти, што би предизвикало ценовен шок – рече Мицкоски.
Тој додаде дека во Министерство за енергетика се работи на подзаконски акти со поддршка од експерти препорачани од Европска комисија, со цел целосна примена на Законот за енергетика.
Во делот на економските реформи, Мицкоски најави измени на постоечки закон кои, како што рече, се претежно технички и се очекува да бидат завршени во мај од страна на Министерство за финансии.
Дополнително, се работи и на воспоставување регистар на правни лица со државно учество, проект кој го спроведува Министерство за економија и труд.
Во областа на правосудството, премиерот посочи дека ќе се направат измени на Закон за Судски совет во согласност со забелешките на Европската комисија, како и реформи за поголема независност при вработување и унапредување на судии и обвинители.
Мицкоски истакна дека се направени чекори и во делот на платите, потсетувајќи на одлуката на Уставен суд за зголемување на коефициентите, како и договорот со синдикатите за повисоки примања.

































