Фото: Влада

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска порача дека фискалната политика во Македонија во наредниот период ќе се соочи со сериозен предизвик – балансирање меѓу потребата од фискална консолидација и економски развој.

Во обраќање на стручната расправа „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила“, што се одржа во Македонска академија на науките и уметностите во организација на Фискален совет, таа нагласи дека за тоа се потребни внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила.

Расправата се одржува во пресрет на новата Фискална стратегија за периодот 2027–2031 година, која треба да обезбеди стабилен и предвидлив фискален курс во услови на зголемени глобални ризици, енергетска неизвесност и потреба од зачувување на макроекономската стабилност.

Според проекциите, буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува, од 3,5 проценти од БДП во 2027 година, на 3 проценти во 2028 година и 2,8 проценти во 2029 година, ниво кое ќе се задржи и во 2030 и 2031 година.

Министерката истакна дека Владата ќе спроведува мерки и на приходната и на расходната страна, со цел да се обезбеди одржливост и поголема ефикасност на јавните финансии.

Фокусот ќе биде ставен на:

  • подобрување на наплатата на приходите и намалување на сивата економија
  • рационализација на буџетските трошоци
  • насочување на средствата кон проекти со најголем развоен ефект

Дополнително, политиките за плати и пензии ќе се водат со цел да се зачува нивната реална вредност, додека построгата примена на Законот за јавни набавки треба да донесе поголема транспарентност и заштеди.

Димитриеска Кочоска нагласи дека фискалните правила не се само технички механизам, туку клучен инструмент за стабилност, доверба и предвидливост во економската политика.

Таа ја истакна и важната улога на Фискален совет, кој преку независни анализи придонесува за подобра фискална дисциплина и навремено препознавање на ризиците.