Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, изјави дека внимателно ја следи воената подготвеност на земјата, негирајќи ги обвинувањата на „Атлантик“ дека наводно е загрижен за намалувањето на капацитетите поради американско-израелската војна против Иран.
Според него, извештајот содржи коментари за кои е „100 проценти сигурен дека никогаш не ги кажал“, додавајќи дека голем дел од извештајот се потпира на неименувани извори.
– Сигурен сум дека никој што знае што мислам и кој е близок до мене не разговарал со тој новинар – рече Венс, оценувајќи дека приказната би била сосема поинаква доколку се потпирала на неговите блиски соработници, пренесе „Фокс њуз“.
Кога го прашале дали всушност е загрижен за состојбата на американската војска, Венс рече дека дел од неговата улога е да остане претпазлив.
– Секако дека сум загрижен за нашата подготвеност, бидејќи тоа е моја работа – рече Венс.
Во исто време, Венс изрази доверба во раководството на администрацијата во однос на националната безбедност, посочувајќи ги министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн, велејќи дека тие вршат „неверојатна работа“.

































