Во Македонскиот културен центар во Софија се отвора изложбата „Ехо во мразот“ од еминентниот македонски ликовен уметник Исмет Рамиќевиќ. Концептот на изложбата ја артикулира и ја рефлектира современата глобална воено-политичка реалност. Во ова актуелно време кога се одвиваат сè поголеми отворени и прикриени конфликти, оружјето повторно се легитимира како единствен инструмент за решавање на политичките несогласувања. Преку симболичката гестуалност, во проектот „се запира, се замрзнува куршумот“, со што се артикулира неговиот јасен антимилитаристички став.
Авторот истовремено ги осветлува разновидните сложени парадокси на нашето време: брутални војни, човечки страдања и климатски екстреми, кои се испреплетуваат со експанзијата на масовните и тенденциозни дезинформации. Во своето творештво, Исмет Рамиќевиќ ја развива мултимедијалната, т.е. трансмедиумска ликовна практика, која ги комбинира скулпторските сегменти со неговата визуелна поезија и музика, со спортот и интерактивните перформанси, создавајќи комплексен и динамичен уметнички израз. На отворањето на изложбата, авторот ќе изведе музички перформанс. Тој ќе свири на праисторискиот дувачки инструмент окарина-стрела, дополнувајќи ја изложбата со уникатен звучен слој. Во изведбата на перформансот е поканета и публиката да се вклучи и да ја воспостави интеракцијата со овој културно-уметнички настан.
– Инсталацијата „Замрзнување“ е интердисциплинарен проект што ги комбинира симболиката на насилството, военополитичко-еколошката критика и естетската реинтерпретација на отпадот. Како концепт, не го иницира само физичкиот ефект туку и метафората: замрзнување на военото и политичкото насилство, замрзнување на времето, емоциите и општествената свест. Преку комплексната инсталација, публиката е поканета да размисли за тоа како насилството, иако може физички да се елиминира, останува трајно присутно во нашата колективна меморија. Во центарот на подната инсталација се поставени објекти со фотографии и куршум, изработен од дрво, во момент на непосредно мирување, запрен пред да биде испукан. Неговата форма не е агресивна, туку контемплативна – дејствува како архивиран објект или фосил на насилството. Тој изникнува од објектот – леѓен, прекриен со слој од кристали од мраз, направени од рачно обликувани парчиња рециклирани пластични шишиња. Овие кристали визуелно наликуваат на природни ледени структури, но се синтетички, транспарентни и сјајни, создавајќи силен контраст помеѓу природата и индустријата, убавината и заканата, сеќавањето и заборавот. Во леѓените, замрзнатите фотографии акумулираат сцени од бомбардирање, глад, уривање домови, домување во шатори и др. Во просторот, покрај седумте поставени објекти (леѓени) на подот, се испишани деновите во неделата; тие симболички генерираат неизвесност за времетраењето на изнесените милитантни содржини што изникнуваат од леѓените – вели авторот.
Во таква констелација елементите во самата поставка – водата, во последниот леѓен, метафорички, пред да замрзне – во себе процесираат обредно дејствие. Седмиот леѓен, означен со денот четврток, ментално и физички ја „чисти“ милитантната конституција на стрелата комбинирана со окарина. На тој ден, со перформанс, се отвора изложбата. Од водата се извлекува стрелата–окарина и со неа се музицира. Во тој процес, милитантноста симболички исчезнува. Таа се преобразува во различни сфери на хуманоста – во музика и поезија. Во галерискиот простор, на ѕид, е испишана куса мисла, заедно со дигитални плотери. Со втисната асоцијативна содржина се отвора мајчината утроба, со бебешка силуета, во која се чита авторска песна преведена на четири јазици. Преводот се манифестира во самата гравитација, разложувајќи движење, правец и ротација, со што се утврдува положбата на бебето.
– Во време кога светот се лизга во сè поголем број отворени и прикриени конфликти, кога оружјето повторно се нормализира како средство за решавање на политичките несогласувања, концептот се обидува симболички да го запре куршумот – буквално да реферира на антимилитаризмот. Но, за жал, денес сме сведоци на стравотни парадокси: од една страна брутални војни и страдања, климатски екстреми, а од друга страна масовни и тенденциозни дезинформации – вели Рамиќевиќ.