- Во текот на тие 80 години, македонскиот јазик добил голем број лексикографски дела, со што се издигнал на рамништето на голем број развиени европски и светски јазици, кои имаат неверојатно долга научна, но и лексикографска традиција
Промоција на книгата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“ од Елена Верижникова и Емил Ниами се одржа во Охрид. За книгата зборуваа Симона Груевска-Маџоска и Бобан Карапејовски. Издавач е книгоиздателството „Ми-ан“.
Книгата е замислена како краток преглед на македонската лексикографија, особено во периодот по кодификацијата на македонскиот јазик. Во текот на тие 80 години, македонскиот јазик добил голем број лексикографски дела, со што се издигнал на рамништето на голем број развиени европски и светски јазици, кои имаат неверојатно долга научна, но и лексикографска традиција. Како што вели и насловот на монографијата, се разгледуваат достигнувањата на македонската лексикографија, при што авторите се задржуваат исклучиво на еднојазичните речници.
Емил Ниами е доктор на филолошки науки. Во 1999 година дипломирал на групите за руски јазик и книжевност и на американски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2007 година ја одбранил магистерската работа „Паронимите во македонскиот и во рускиот јазик“, а во 2010 година докторската дисертација „Антонимите во рускиот и во македонскиот јазик“. До 2007 година работи во телевизијата А1 на различни позиции. Од 2007 до 2011 година предава македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Автор е на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик (2020), првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик (2021) и на првиот Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022). Ниами е автор и на монографиите „Вовед во славистиката“ и „Семонимите во македонскиот јазик“, а наедно е и главен редактор на „Речникот на медиумска писменост“. Во неговата библиографија се наведени неколку десетици научни статии и повеќе од 30 преводи на македонски јазик. Во 2021 година ја добива наградата „13 Ноември“ за наука. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.
Елена Верижникова е доктор на филолошки науки. Во 1985 година дипломирала на групата за македонски jазик и книжевност на Катедрата за словенска филологиjа на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 1997 година ја одбранила дисертациjата „Конструкции со ќе во македонскиот литературен јазик“. Работела во Одделението за словенски речници во издавачката куќа „Руски jазик“. Од 2007 предава македонски јазик на МДУ „М.В. Ломоносов“. Во неjзината библиографија се наведени неколку десетици научни статии и два руско-македонски речника. Носителка е на медалот „За заслуги пред Македониjа“ (2014) и на наградата „Блаже Конески“ (2021) и е почесен професор на УКИМ (2015). Се занимава со теми од областа на морфологиjата, функционалната граматика, граматичката семантика, лексикографијата.

































