ШАХ

Македонскиот повеќекратен шаховски првак Алкалоид го освои деветтото место на тимското Светско првенство (СП) за ветерани над 50 години во Драч (Албанија), на кое настапија 36 екипи од 23 шаховски федерации, со вкупно 171 шахист, од кои 25 велемајстори (ВМ). Алкалоид загуби во последните две кола од силната селекција на Казахстан со 1-3 и од третата селекција на Англија со 1,5-2,5. По девет кола, Алкалоид освои 10 бода (20 поени по табли), колку што имаше и втората селекција на Англија, но поради подобар дополнителен критериум, Англичаните се осми.
Златниот медал го освои првата селекција на САД, која беше и рангирана прва на СП со 15 бода (25,5), односно впиша шест победи и три ремија, без пораз. Втора е Италија со ист број бодови, но со послаб збир на поединечни поени (23), а трет е Казахстан со 14 бода (27 бода).
Алкалоид ги победи селекцијата на Холандија со 4-0, Универзитет Политехника Каталуња од Шпанија со 2,5-1,5, првата селекција на Шкотска со 3-1 и женската селекција на Казахстан со 3-1, ремизира со репрезентациите на Италија и на Унгарија, а загуби од САД (1) со 1-3, Казахстан со 1-3 и од Англија (3) со 1,5-2,5. Поединечно, ВМ Трајко Недев (2.469) освои 3,5 поени од седум партии, ВМ Звонко Станојоски (2.362) шест од девет, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.359) и ВМ Роландо Кутиров (2.256) по 4,5 од девет и ЖИМ Габриела Коскоска (1.996) на петтата резервна табла 1,5 од две. Г.И.