ФУДБАЛ
- Финансиската распределба до сите учесници на СП 2026 се зголемува на речиси 900 милиони долари
Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) се состана пред 76-от Конгрес на ФИФА во Ванкувер (Канада) и, со оглед на комерцијалниот успех на водечкиот турнир за фудбалери на ФИФА, Советот се согласи да ги зголеми ресурсите што ќе се распределат до сите 48 репрезентации, учеснички на годинашното Светско првенство (СП) за дополнителни 15 отсто, на вкупно 871 милион долари, објави ФИФА.
Зголемениот фонд ќе биде поделен на следниов начин: парите за подготовки се зголемени од 1,5 милион долари на 2,5 милиони, сумата за пласман на СП 2026 е зголемена од девет на 10 милиони долари, а субвенциите за трошоци за делегациите на репрезентациите и зголемените алокации за билети за селекциите во вкупен износ од над 16 милиони долари, пишува ФИФА. Остатокот од приходите ќе продолжи да се прераспределува назад во глобалниот фудбал во корист на сите 211 асоцијации членки на Светската фудбалска федерација.
– ФИФА е горда што е во својата најсолидна финансиска позиција досега, овозможувајќи ни да им помогнеме на сите наши асоцијации членки на невиден начин. Ова е уште еден пример за тоа како ресурсите на ФИФА се реинвестираат назад во играта – изјави претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино.
Како одраз на проширениот формат со дополнителна нокаут-рунда, Советот на ФИФА потврди амандман на Правилникот за СП 2026, со кој единечните жолти картони ќе бидат поништени по групната фаза, а потоа повторно по четврт-финалето. Н.М.

































