Едно од клучните прашања што се поставува во врска со научната фантастика е дали таа претставува пророштво за иднината или на некој начин ја создава иднината? Според интервенционалистичката теорија, авторите што ги произведуваат „најфантастичните“ идеи за сликата на иднината, директно интервенираат и во нејзиниот изглед. Фантастиката ги обликува амбицијата и желбата на луѓето да имаат подморници, роботи правосмукалки, невронавигатори или долгорочни мисии на Марс. Оттука, научната фантастика, барем во филозофска смисла не се доживува како ефемерно „пророштво“, туку како создавање на иднината преку следење на логичката екстраполација. Оваа теза делумно се врзува на каузалитетот што се создава во разумот на човекот и кој се наметнува како врска на нашето директно искуство со сегашноста.
Дејвид Хјум вели дека во реалност, каузалност не постои. Кога човек гледа како една топка се движи од точката А до точката Б и на средината на патот стои друга топка, тој врз база на своето искуство може да предвиди дека првата топка ќе се судри со другата топка. Помеѓу двете топки од аспект на сегашност не може да се пронајде директна врска, нив ги гледаме како две точки во просторот, но логичката претпоставка дека тие ќе се судрат има еднаква смисла како „предвидувањето“ во научнофантастичните сценарија. Оттука, научната фантастика го темели својот поглед кон иднината на искуството, а не на некои мистериозни дојави за ексклузивни пророци. Во таа смисла научната фантастика не претставува само предвидување за тоа што ќе се случува во иднината туку таа претставува интелектуална конструкција темелена на искуство. Тоа искуство делумно може да се преточи во критика, ако се користи метод на мисловен експеримент и сведокот (читателот или гледачот) го замисли сценариото „што ако“ ова предвидување се оствари. Да се говори за идните настани низ призма на научната фантастика, не е како да се говори за откровение што го следи патот на апсолутната вистина и нејзино појавување низ времето. Научната фантастика воопшто не се занимава со докажувањето на сопствената вистина, таа го поставува прашањето – што ако, оваа најневеројатна фантазма, оваа лага и илузија стане реалност?!
Науката вели дека, на пример, промените во методот на лекување се нужни за да се случи некое подобрување, додека научната фантастика е спротивна на научните предвидувања. Таа нема вредносен однос кон своите предвидувања. Кога науката говори за своето поле од иднината, таа го вреднува – како добро или лошо за одредена сфера, ги пресметува последиците. Научната фантастика вели дека тоа што еден гледач на СФ-филм го гледа не е ниту добро ниту лошо. Таа не го повикува ниту судот на гледачот, нејзината улога е да создаде ситуација на апсурд што ќе доведе до една крајна поента на која човекот може да ја базира смислата на постоењето. Или, како што би рекол Бертнард Расел, човекот мора да се соочи со суров апсурд, не за да сфати дека постоењето нема никаква смисла, туку за да сфати дека смислата на постоењето е во некоја фуснота, нешто што цел живот сме го гледале како ситно и споредно.
Научната фантастика ја следи парадоксот на вина бидејќи се смета дека авторите како Жил Верн или Да Винчи се индиректно одговорни за текот на научното откритие во историски контекст. Но функцијата на научната фантастика не е да се занимава со вистинската слика за иднината. Таа се занимава со можното и претставува алатка преку која човекот го замислува она што би можело да стане и токму во таа замисла, иднината почнува да се оформува.
Магдалена Стојмановиќ -Константинов

































