Фото: „Нова Македонија“

Преспанскиот договор – извор на сите тешкотии за македонските евроинтеграции

  • Политичката реалност на македонските евроинтеграции денес не може да се набљудува изолирано од настаните во Нивици. Имено, нема никаква дилема дека Преспанската спогодба е „нултата точка“ на сегашните проблеми со Бугарија, политички преседан што ги смени правилата на игра на Балканот и направи систем на замки и сврзани садови

Коренот на сите проблеми во македонскиот евроинтегративен процес лежат во Преспанската спогодба, со која ѝ беше исполнета желбата на официјална Атина од страна на тогашно официјално Скопје, кое направи отстапки што ја променија историјата (и минатото и иднината) на македонскиот народ и Македонија! Преименување на земјава со географска одредница, понатаму, по системот на сврзани садови, ја охрабри официјална Софија и таа да се послужи со грчкиот рецепт и дополнително да се замеша во македонските работи.
Овие два настана се неразделно поврзани во еден причинско-последичен однос. Становиштата на оној што не ги поврзува и не ги гледа испреплетеноста и политичкиот каузалитет не може да бидат протолкувани никако поинаку освен како „ишкање на мувата од капата“ на оние што пред неполни осум години во Нивици се гушкаа и ракоплескаа на „ремек-делото“ од договор скроен исклучиво по грчки терк!
Кога тоа „ремек-дело“ го видоа бугарските политичари, тогаш брзо се преструктурираа на грчкиот модел, вето по вето, со барање да се исполни сето она што е повеќе од вековна желба на бугарската политика. Затоа е запрен македонскиот пат кон ЕУ, ниту поради реформите ниту поради корупцијата, уште помалку поради односот на државата кон малцинствата.

Илузијата на „заедничката несреќа“

Имено, неодамна тема на остра дебата на меѓународниот форум „Делфи“ во Атина беше дипломатскиот пристап кон решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Во рамките на дебатата, поранешниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров, му реплицираше на бугарски претставник од публиката, кој истакна дека прашањата меѓу Бугарија и Македонија се затворени, а официјално Скопје е тоа што треба да испорача.
Димитров, во својство на претседател на невладината организација „Солуција“, оцени дека актуелниот модел на односи не претставува вистински компромис. Тој рече дека сегашната рамка, наместо решение, продуцирала најлоши билатерални односи во историјата на двете земји.
– Компромис е решение што двете страни ќе ги направи еднакво несреќни. Кога едната страна е еуфорична, тоа не е компромис. Прашањето не е решено, а резултатите од таквата стратегија се тажни… Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина го сакате тоа – изјави Димитров, реплицирајќи на ставот од бугарскиот претставник.

Растот на бугарските апетити

И покрај обидите на Димитров да ја лоцира причината за блокадата на земјава кај бугарската страна, политичката реалност на македонските евроинтеграции денес не може да се набљудува изолирано од настаните во Нивици. Имено, нема никаква дилема дека Преспанската спогодба е „нултата точка“ на сегашните проблеми со Бугарија, политички преседан што ги смени правилата на игра на Балканот.
Кога Македонија го прифати Преспанскиот договор, во меѓународната заедница тоа беше прославено како „ремек-дело“ на дипломатијата. Меѓутоа, од македонска перспектива, тоа беше асиметричен договор каде што едната страна (Македонија) направи идентитетски и уставни отстапки, додека другата само го одблокира патот кон НАТО и ден-денеска нема исполнето ништо друго од спогодбата. Овој модел испрати опасен сигнал до Софија дека ветото е ефикасно оружје и дека ЕУ е подготвена да прифати билатерални историски и идентитетски барања како дел од преговарачката рамка.
Логиката е едноставна – ако Атина успеа да изнуди промена на името и ревизија на античката историја, Софија процени дека е вистинско време да го наплати својот „дел“ од македонското прашање. Бугарската политичка елита виде дека „црвените линии“ на Скопје се поместливи многу повеќе отколку што се мислеше. Директната врска е повеќе од очигледна: без преспанскиот модел, Бугарија тешко ќе најдеше легитимитет во рамките на ЕУ за вакво радикално навлегување во прашањата на јазикот и историјата.

Ситуација на „дипломатска стапица“

По сето ова, да се зборува за „несреќни страни“ сега, откако претходно беше промовиран модел на еднострани отстапки, звучи како задоцнето признание на Димитров за стратешка грешка што ја направи владата од која и тој самиот беше дел. Ако Преспанскиот договор беше навистина фер компромис, тој требаше да стави крај на сите билатерални пречки. Наместо тоа, тој само ја отвори Пандорината кутија.
Впрочем, денешниот ќор-сокак во евроинтеграциите не е резултат на недостиг од реформи или корупција, туку на фактот што македонската дипломатија самата го создаде патоказот по кој сега се движи Бугарија. Илузорно е да се очекува дека Софија ќе се откаже од „грчкото оружје“ кога веќе виде колку лесно тоа оружје ја принуди државата на темелна трансформација. Оттука, секоја дебата за „фер решение“ со Бугарија веќе е контаминирана од преседанот што беше поставен пред осум години, оставајќи ја Македонија во позиција на постојан дефанзивец.


Грчкиот „рецепт“ како регионален преседан

Според експертите од областа на меѓународното право, Македонија сега се наоѓа во ситуација на „дипломатска стапица“, која е исклучително тешко да се пробие со конвенционални средства.
– Проблемот со Преспанскиот договор е што тој, во очите на меѓународната заедница (Брисел и Вашингтон), не остана изолиран случај за решавање на еден специфичен спор, туку стана стандардна процедура. Бугарија го сфати тоа многу добро. Тие не бараат „компромис“ во смисла на „ти мене, јас тебе“, туку бараат капитулација по моделот на Атина. Кога еднаш ќе прифатиш дека идентитетски прашања можат да бидат предмет на меѓународен договор, ти ја губиш моќта да кажеш „не“ за следниот таков барател. Концептот на Никола Димитров дека двете страни треба да бидат еднакво несреќни е теоретски издржан, но практично неостварлив во овој контекст.
– Во спорот со Бугарија, Македонија нема што да побара од Бугарија што би ја направило Бугарија „несреќна“. Ние не бараме нивна промена на устав, нивна историја или нивно самоопределување. Следствено, секој „компромис“ по дефиниција ќе биде асиметричен: Македонија дава нешто опипливо (устав, историска нарација), а Бугарија дава само „дозвола“ за продолжување на патот. Тоа не е компромис, туку уцена со рок на траење.
Бугарија го користи ветото не затоа што има силни правни аргументи, туку затоа што виде дека ветото функционира. Тие видоа дека ЕУ, во својата желба за стабилност и проширување, секогаш ќе го притиска оној што е „послаб“ (кандидатот), а не оној што е „посилен“ (членката). Преспанскиот договор беше доказ дека ако притискаш доволно долго, другата страна ќе попушти под плаштот на „европската иднина“. Со самото прифаќање на т.н. француски предлог, за кој сите бевме против, ние всушност го официјализиравме преседанот од Преспа во самата преговарачка рамка – велат експертите, притоа додавајќи дека сега за да се постигне вистински компромис, Македонија би морала да го смени пристапот од „што можеме да дадеме за да поминеме“ во „што е тоа под кое не одиме под никоја цена“. С.Т.


Клучни чекори за ресет на пристапот за отстранување на бугарската блокада

Познавачите на состојбите анализираат како земјава да се извлече од овој правно-формален лавиринт (преговарачката рамка) што е прифатен од сите 27 членки на ЕУ. Сепак, теоретски и политички, постојат неколку насоки во кои би можело да се бара излез, иако секоја од нив носи свои ризици.
Според нив, првиот чекор кон ресет е престанување со политиката на „само уште оваа отстапка“. Ресетот би значел промена на ставот: „Ние сакаме во ЕУ, но не по цена на исчезнување“. Тоа значи дека наместо да се фокусираме на тоа како да ги убедиме Бугарите да ни попуштат, фокусот се префрла на внатрешните реформи (судство, економија, образование). Кога државата ќе стане функционална, позицијата за преговори станува посилна.
Втора опција е Македонија да инсистира на раздвојување на билатералните историски прашања од преговарачкиот процес за поглавјата. И покрај европското одбивање, треба да се продолжи со барање гаранции од ЕУ дека историските комисии нема да бидат кочница за затворање на техничките поглавја. Иако ова е вметнато во францускиот предлог, потребна е нова политичка декларација од Советот на ЕУ, која ќе ја ограничи моќта на Софија да го злоупотребува секое поединечно поглавје за историски теми.
Трета опција е она што македонската влада веќе го тера, а тоа е реципроцитетот. Ако Преспанскиот договор беше асиметричен, ресетот со Бугарија треба да биде строго симетричен.
– Ако од Македонија се бара вметнување на Бугарите во Уставот, Македонија треба да бара (преку меѓународни механизми и Судот во Стразбур) признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија. Иако Софија го одбива ова, инсистирањето на овој принцип го враќа достоинството на преговарачката позиција и покажува дека веќе не се прифаќаат еднострани диктати. Добро е што се актуализираше и расправата во Парламентарното собрание на Советот на Европа – појаснуваат соговорниците.
Според нив, клучно е да се постигне вистински внатрешен консензус и да се одредат „црвени линии“ со законска сила.
– Наместо партиите да се обвинуваат кој е повеќе „предавник“ или „патриот“, потребен е национален пакт за ЕУ каде што точно ќе се дефинира под кои услови преговорите запираат. Кога европските партнери ќе видат дека целата држава (позиција и опозиција) стои зад една цврста линија, просторот за притисок се стеснува – посочуваат соговорниците.
Тие додаваат дека како последна и најрадикална опција е „замрзнување“ на процесот на евроинтеграции до некои подобри времиња. Исланд претходно го направи тоа.
– Ова е најрадикалната форма на ресет. Ако цената за влез е самопоништување, државата може да одлучи привремено да го „замрзне“ интересот за членство под овие услови, фокусирајќи се на билатерални соработки со клучни западни партнери (САД, Германија, Франција, Австрија, Полска, земјите од Вишеградската група) надвор од процесот на проширување. Ова би ја лишило Бугарија од нејзината најсилна алка, уцената со ветото – заклучуваат соговорниците. С.Т.