Фото: МИА

Основен суд Штип изрече доживотна казна затвор за Денис Асанов (74), кој беше прогласен за виновен за убиството на 79-годишната Борјанка Николова.

Пресудата ја соопшти судијката Јулијана Недкова, која утврди дека обвинетиот го извршил делото на особено свиреп начин.

Според Обвинителството, Асанов ја убил жената и потоа го распарчил нејзиното тело. Дел од посмртните остатоци биле пронајдени во дворот на неговата куќа, додека други делови не се пронајдени и покрај обемните претраги, вклучително и на депонија.

Обдукцијата покажала дека жртвата претрпела тешки телесни повреди, меѓу кои и скршени ребра и сериозни повреди на градниот кош, најверојатно предизвикани од силен притисок.

Обвинителството во завршните зборови побара казна согласно законот, оценувајќи го делото како особено тешко и брутално.

Одбраната, предводена од адвокатката Елизабета Панева, тврдеше дека доказите се недоволни и побара ослободителна пресуда, посочувајќи дека постои сомнеж во вината на обвинетиот.

Асанов првично признал вина во истрагата, но подоцна ја повлекол изјавата пред судот, тврдејќи дека телото го пронашол во куќата.

Убиството се случило минатата година, а телото било пронајдено две недели по смртта.