СВЕТСКО УЧИЛИШНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ
- Во финалниот дуел, ракометарките ќе се сретнат со репрезентацијата на Хрватска од 14 часот, а ракометарите од 16 часот со победникот на вчерашниот полуфинален меч Израел – Хрватска. Двете средби ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“
Женската и машката кадетска репрезентација на Македонија се пласираа во финалето на Светското првенство (СП) во училиштен ракомет, кое се одржува во Скопје, откако ги совладаа своите противници во вчерашните полуфинални дуели.
Кадетките ја победија квалитетната селекција на Турција со 30-22. Предводени од селекторката Даниела Новеска-Вељановска, девојките одиграа сигурно во нападот и одлично во одбраната и заслужено славеа во салата „Македонско сонце“, иако на полувремето беше 12-12. Во натпреварот за златниот медал, црвено-жолтите денеска од 14 часот во СЦ „Јане Сандански“ ќе играат со селекцијата на Хрватска, која во полуфиналето беше подобра од Романија.
Избраниците на селекторот на кадетите, Горан Кузмановски, исто така, без поголеми тешкотии во полуфиналето беа подобри од Србија, со 29-19 (14-10). Финалниот натпревар е закажан за денеска од 16 часот во СЦ „Јане Сандански“, а Македонија ќе игра против подобриот од вчерашниот втор полуфинален дуел меѓу Израел и Хрватска. Г.И.

































