Граѓанските заштеди постојано растат – може ли да се искористат за инвестициски бум
- Најновите податоци на Народната банка на Македонија откриваат дека вкупните депозити на граѓаните и компаниите во банките надминуваат 10,8 милијарди евра. Притоа, само заштедите на граѓаните достигнуваат 7,2 милијарди, а преостанатите средства се заштеди на корпоративниот сектор. Последниве години се забележува континуиран раст на депозитите што граѓаните ги депонираат во комерцијалните банки, а тоа повторно го поттикнува прашањето дали има мерки што можат да придонесат да се зголемат граѓанските инвестиции или, пак, да се искористат заштедите за инвестиции, за поддршка на проекти на бизнисите
Има ли начини да се искористат граѓанските заштеди за инвестициски бум, за поддршка на бизнисите што би резултирале со поголем економски раст? Ова прашање се наметнува од фактот дека граѓанските заштеди во домашните банки надминуваат 10 милијарди евра. Тоа се средства што граѓаните им ги довериле на домашните банки и кои служат секако за кредитирање.
Најновите податоци на Народната банка на Македонија откриваат дека вкупните депозити на граѓаните и компаниите во банките надминуваат 10,8 милијарди евра. Притоа, само заштедите на граѓаните достигнуваат 7,2 милијарди, а преостанатите средства се заштеди на корпоративниот сектор. Последниве години се забележува континуиран раст на депозитите што граѓаните ги депонираат во комерцијалните банки, а тоа повторно го поттикнува прашањето дали има мерки што можат да придонесат да се зголемат граѓанските инвестиции или, пак, да се искористат заштедите за инвестиции, за поддршка на проекти на бизнисите.
Потребни гаранции за мерките
Добро упатен економист објаснува за „Нова Македонија“ дека во одредени земји веќе биле применети мерки што можат да поттикнат поголем инвестициски бум или поголема искористеност на средствата за поддршка на бизнисите, но предупредува оти за такви чекори мора да има гаранција.
– Може да се создаде сет на мерки што можат да го интензивираат процесот на мобилизирање на овие потенцијали за кои треба соодветните институции да поддржуваат бизнис-проекти и идеи како стартап-акцелератори и други бизнис-активности што генерираат нови работни места, извозно ориентирани или, пак, поттикнување дигитализација и слично. Но, за тоа треба да постојат „гарантни институции“ или, пак, поделба на ризикот со комерцијалните банки. Засега банките се доста внимателни во преземањето ризични зафати и проекти што немаат кредибилитет, и покрај историски најниската стапка на лоши или нефункционални кредити – потенцира нашиот соговорник.
Според него, за да се мобилизира кредитниот потенцијал треба да се дизајнира модел за финансирање во наши специфични услови, каде што со дополнителни финансиски инструменти ќе се мотивираат банките да прифатат одредени ризици.
– Банката за развој (како државна) не се покажа доволно ефикасна за овие зафати. Од друга страна, покрај доста добро развиениот банкарски сектор, сѐ уште е недоволно развиен пазарот на капитал и преку корпоративните обврзници да се мобилизира поевтин капитал за да се создаде „кредитен простор“ кај комерцијалните банки за финансирање на помалите и почетните компании. Впрочем, теоретски постојат можности, но слабиот институционален капацитет во овие три декади од транзицијата, барем досега не покажа доволно можности – нагласува нашиот соговорник.
Се очекува да продолжи растот на побарувачката на кредити од компаниите
Банкарите од централната банка на Македонија проценуваат дека ќе продолжи растот на побарувачката на кредити од страна на компаниите во следниот период.
– Во четвртиот квартал на 2025 година резултатите од анкетата укажуваат на нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити посилно во споредба со претходниот квартал. Нето-зголемувањето на побарувачката во четвртиот квартал е посилно од очекувањата за нето-зголемување наведени во претходната анкета. За првиот квартал од 2026 година банките очекуваат натамошно, но поумерено нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити – посочуваат од Народната банка во нивната последна анкета за кредитна активност.
Притоа е напоменато дека од аспект на поединечните услови за кредитирање на претпријатијата, во четвртиот квартал од 2025 година банките укажуваат на поизразено нето-олеснување кај каматната стапка на кредитите на корпоративниот сектор, каматната маргина, како и мало нето-олеснување на барањата за обезбедување и некаматните приходи. Преостанатите поединечни услови за кредитирање на корпоративниот сектор, како што се големината на заемот или на кредитната линија и достасувањето на заемите, се непроменети.
Анкетата исто така открива дека придонесот на учеството на нефункционалните кредити на претпријатијата и факторите преку кои тие влијаат врз кредитните услови на претпријатијата упатуваат на натамошно нето-заострување на кредитните услови на претпријатијата за наредните три месеци. Е.Р.
































