Филмот, телевизијата и новите медиуми како организирана индустриска гранка

Да се направи индустрија и да се организира медиумско индустриско производство, мора да се одговори на неколку суштествени прашања пред да се прави што и да е. Прво, кој и како ќе ја организира таа индустрија? Потоа, каде и за колку ќе се продаваат добрата или услугите? Многу важно е тука да се одговори и на тоа какви се општествените очекувања, затоа што ова е специфична дејност и има посебен национален интерес. И на крајот треба да се знае какви ќе бидат придобивките на краток, среден и на долг рок?. Откако ќе одговориме на овие прашања, може да почнеме со процесот наречен создавање филмска, телевизиска и индустрија на новите медиуми и вештачката интелигенција во Македонија.
Медиумската индустрија треба да ѝ служи на државата и нејзините потреби на пазарот на медиуми за забава, образование и информирање на сопствените граѓани, создавање општа и посебна идентификација со земјата и луѓето, со социјалните, политичките, културните, идентитетските и цивилизациските придобивки внатре и надвор од земјата, и во определен сегмент продажба на сопствената еманација како општ бренд со кој светот ќе ги препознава државата и нацијата на начин на кој тие сакаат да биде идентификувани, организирано и планирано, а не стихијно и на начин на кој тоа го прават поединци преку своите лични дела со кои тие се идентификуваат себеси, користејќи ги ресурсите на државата. Медиумската индустрија во светот е само уште еден економски сектор и тој мора да биде вмрежен во сродните дејности, да дејствува како развоен фактор и да партиципира во вкупната економија на земјата. Индустријата е прагма, потреба, реалност што се темели на капитал, конкретни потреби, бројки и резултати. Медиумската индустрија е директно поврзана со занаетчиството, малото и средното производство во технолошкиот сектор, угостителството и туризмот. Таа го поттикнува локалниот развој, го облагородува и естетизира целиот јавен простор и дејствува стимулирачки на развојот на образованието, науката, градежната, машинската и електронската индустрија. И на крајот ги поттикнува сите општествени дејности преку создавање општоприфатлив критериум за убаво и возвишено и создава морални и етички вредности и идентификации.
Како и секој друг облик на индустриско производство, медиумите се производители на продукти за на пазар, како секои други производи, од домати до суперсонични авиони, тука нема разлика. Производ си е производ. Медиумската индустрија ја организираат поединци што имаат институционално и индивидуално знаење за создавање определен индустриски производ. Разликата помеѓу правењето филмска уметност и правењето медиумска индустрија веќе ја дефиниравме. Но уште еднаш да повториме која е круцијалната различност. Уметноста е емотивна потреба од лична еманација, која може да создаде колективна идентификација со производ што е создаден како нагон, како внатрешна потреба на уметникот – творец за комуникација со себеси и со другите луѓе. Индустријата е организирано и планирано производство на производи по нарачка, кои изгледаат исто или приближно исто и се наменети за продажба и консумација на пазарот на медиумски производи. Ова го повторувам неколкупати, за да не ги помешаме „тенџерињата со манџите“! Сигурен сум дека тие што не организирале ниту свадба за себе или за некој близок, веднаш ќе се зафатат со организација на медиумскиот простор и индустрија! Еве и една дополнително добра вест. Драги мои, во Владата од пред две години повторно се вратија „небањатите вмровски глупаци“, кои боледуваат од тоа да ги „свиѓаат“ тие што ги мразат, судат и пикаат по затвори, па побрзајте да им ги земете парите! Сега му е мајката! Тие „простаци“ се познати по тоа што уметноста и Министерството за култура ги разбираат на ниво на министерство за одбрана! Знаете вие како треба: уплашете ги со протести, со бунтови и со револуции и контролирајте ги! Стравот секогаш лесно се продава! Но ако по некое чудо оваа вмровска номенклатура не ги направи истите грешки во уметноста и културата како и претходните две гарнитури, во новите околности задачата е уште потешка затоа што за разлика од пред дваесет години, денеска треба да се организира вмрежена индустрија што во себе ќе ги содржи филмот, телевизијата, новите медиуми, видеоигрите, вештачката интелигенција, образованието и иновациите, односно науката. Оставам на она што се нарекува стручна јавност да процени кои се тие луѓе во Македонија со образование, компетенции, квалификации, знаења и вештини да го направат тоа што од нив би се очекувало? Гледајќи ги да бидам искрен, сепак од дистанца функционирањето на агенцијата за филм, нејзината внатрешната структура, начинот на управување и општење со уметниците, продукциите и здруженијата, би било добро за почеток да се воспостават барем пристојна професионална комуникација и општа функционалност, сѐ додека управата секојдневно се мачи во полунадлежности, полуможности и полуодговорности. Сѐ додека не се конституира нова институција со нови и реални надлежности, реални можности и реални одговорности.

Можам да тврдам дека новата институција ќе биде само приказна ако не ја прават луѓе со адекватно образование, знаење, вештини и многу важно – општествено влијание. Го пишувам ова како емпирија на човек што доаѓа од реалниот сектор. Пателец сум, не гатам. И не давам совети. Ова е само колумна. Си ја вршам својата медиумска, професионална и наставничка обврска – општење со јавноста. Споделувам искуство. Игнорирајте го ова сите што мислите дека сѐ ќе почне од вас и дека кинематографијата до денес била темен вилает во кој со помош на филмска магија и трикови тиквата за семки ќе се претвори во златна кочија!
За да го направиме првиот чекор кон промените потребно е да се случат следните работи. Прво треба да се донесат владини одлуки и да се направат законски измени. Оние што не го познаваат политичкиот систем во Македонија, убаво е да знаат дека за тоа се потребни најмалку две години интензивно работење и лобирање. Повторувам: „работење и лобирање“! Второ, потребно е формирање нова институција по примерот на хрватскиот ХАВЦ, која ќе има структура на аудиовизуелен и технолошко-иновативен центар, што е тенденција во Европа и светот. Треба да се направи внатрешна реорганизација на новата институција, која во себе првично ќе ги инкорпорира сегашната Агенција за филм и „Вардар филм“. Потоа треба да се основаат нови департменти, од кои еден административно-оперативен, еден за телевизиско производство и еден департмент за нови медиуми, видеоигри и вештачка интелигенција. За тоа ќе бидат потребни нови вработувања, а огромен проблем ќе биде немањето кадар и интерес за работа во оваа индустрија, чиј човечки потенцијал старее и во моментов е плус четириесет и пет години! Потоа следува ново лобирање за финансиска и административна подршка за обезбедување локација и потребна документација за изградба на државно или јавно филмско студио за продукција и студиски департмент за постпродукција на звук и музика, каде што реално имаме шанси на медиумскиот пазар на Балканот. Студиото треба да биде направено и организирано по примерот на „ВИБА филм“ во Словенија. Постпродукцијата на слика и техниката за снимање и осветлување, специјални ефекти и услуги треба да ја оставиме на приватниот сектор, кој, убеден сум, брзо ќе си го најде своето место во секој сегмент од индустријата.

Во системот на вмрежување треба да бидат вклучени МРТ, националните приватни телевизии со финансиска и дистрибутивна партиципација и националните театри како дел од студиските фундуси за костими, реквизити, сценографија и специјални ефекти. Дополнително е потребно паралелно да се лобира кај ЗЕЛС за формирање три регионални аудиовизуелни фонда, со седишта во Битола, Штип и Тетово, заради дисперзирање, кофинансирање и развој на индустријата на целата територија на земјата. Не сум сигурен дали Град Скопје треба да има свој медиумски фонд? Треба да се направи одделна анализа за тоа колку од буџетот се троши во Скопје, а колку во другите региони на Македонија. За ова да се реализира, во идеални услови се потребни најмалку три години. Значи, само во фазата на подготовки и етаблирање се потребни пет години и реални дваесет-триесет милиони евра инвестиции. Умирам од желба да знам како е можно ова да се направи многу, ама многу силна подршка на луѓе што носат одлуки и сакаат да го направат ова на ниво на личен политички успех!? Не плашете се од политичарите. Тие доаѓаат и заминуваат. Делата и проектите остануваат. Секој што мисли дека ова работа може да се заврши со добри желби, надежи, муабети по ходници и чукање со тупаници по астали во кафеани, навистина живее во филм! Мене можете да ме купите – што се вели. Јас сум наивен човек и сакам да верувам во приказни, дури и кога знам дека се филмски. Но реалниот живот и стварните можности се свет каде што приказни ниту има кој да раскажува, а ниту кој да ги слуша!

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“