Смилево на 1 и 2 мај ќе биде домаќин на културната манифестација „Смилевски конгрес“. Настанот ја преиспитува заедницата како творечки чин во време на расцепканост и псевдоиндивидуализам. Во фокусот се колективната инсталација „Песната на славејот“, музичката програма со „Чалгија саунд систем“, „Брас брадарс“, „Летачки пекинезери“, Мојра и Дејание, како и двете изложби во настанување „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“. Организаторите најавуваат враќање на културата во заедничкиот простор преку директна средба со публиката.
– „Смилевски конгрес“ е културна манифестација што го поставува прашањето за заедницата како реален, творечки и јавен чин. Во време на расцепканост, симулирана комуникација и псевдоиндивидуализам, оваа манифестација не нуди носталгија, туку позиција дека автентичната уметност не настанува во изолација, туку во однос, во судир, во соработка и присуство на другиот.
Селото Смилево нема само историска заднина туку и јадро на значење. Културната меморија на „Смилевскиот конгрес“ не се третира како музејски остаток, туку како отворена можност повторно да се промисли соборот — не како протокол, туку како одговорност; не како форма, туку како заедничко дејание. Оттука, манифестацијата не го повторува минатото, туку го активира како прашање упатено до сегашноста дали денес сè уште сме способни за заедница – се наведува во најавата.
Програмата ја разбира уметноста како простор во кој различните гласови не се поништуваат, туку се артикулираат во заедничко поле на значење.
– „Смилевски конгрес“ не е само фестивал. Тој е став! Дека меморијата не смее да се сведе на декор. Дека уметноста не ѝ припаѓа на логиката на производството, туку на поредокот на откривањето. И дека заедницата, ако навистина постои, мора повторно да се создава. Низ современи уметнички практики и автентични музички гласови, манифестацијата е пробив — не во поделби, туку во заедничарење и соборност – информираат организаторите.