МОК го одржа традиционалниот Олимписки пикник во знакот на спортот и пријателството

На просторот пред СЦ „Јане Сандански“, во организација на Македонскиот олимписки комитет (МОК), минатиот викенд се одржа традиционалниот Олимписки пикник. Во пријатна и опуштена атмосфера, настанот ги обедини спортистите, олимпијците, соработниците и пријателите на спортот во ден посветен на забавата и негувањето на олимписките вредности.
Официјалниот дел го отвори претседателот на МОК, Даниел Димевски, кој во своето обраќање ги истакна значењето на овој настан и континуираното градење на спортската заедница. Тој упати посебна благодарност до амбасадорката на НР Кина, Џианг Сиаојан, која имаше поздравно обраќање и потоа ја водеше инспиративната демонстрација на традиционалната кинеска вештина ба дуан јин, во која се вклучија вработените во амбасадата на НР Кина, како и дел од гостите и учесниците на настанот. Веднаш потоа следуваше и интересната демонстрација на винг-чун фу, предводена од сифу Мирослав Тодоровски.

Она што особено го обележи овој дел од денот беше интерактивноста – присутните гости не само што уживаа во настапите туку имаа и одличен простор самите да бидат дел од нив, да се приклучат и да ги пробаат овие древни кинески вештини. Тоа предизвика многу насмевки, позитивна енергија и вистинска забава меѓу сите генерации. По завршувањето на официјалниот и демонстративниот дел, гостите целосно се препуштија на неформалното дружење. Со одлична музичка селекција од двајцата присутни диџеи, вкусна храна и освежителни пијалаци, присутните искрено уживаа и се забавуваа до попладневните часови. Љубителите на активниот одмор ги искористија и термините за падел, тенис и пинг-понг, додека волонтерите беспрекорно се грижеа за секој сегмент од организацијата.

Олимпискиот пикник уште еднаш покажа дека спортот е најдобриот начин за поврзување, ширење позитивна енергија и создавање трајни пријателства.
Претходно, во просториите на МОК, по покана од претседателот Даниел Димевски, се одржа официјална работна средба со амбасадорката Џианг Сиаојан и нејзината делегација, на која се разговараше за актуелните состојби и идниот развој на спортот, како и за отворањето нови можности за соработка помеѓу двете пријателски земји во повеќе полиња поврзани со спортот и олимпизмот. Во фокус на разговорите беа ставени меѓусебната поддршка и размената на позитивни практики и искуства, како и можностите за заеднички проекти што ќе придонесат за унапредување на спортските вредности. Двете страни се согласија дека спортот е универзален јазик што ги поврзува народите и дека постои огромен потенцијал за продлабочување на билатералната спортска соработка.
Претседателот Димевски изрази огромно задоволство од посетата, истакнувајќи ја важноста на градењето силни партнерства со земји што се глобални спортски велесили, каква што е НР Кина. Од своја страна, амбасадорката Сиаојан се заблагодари за срдечното гостопримство и ја потврди отвореноста за континуирана поддршка и заеднички вложувања во развојот на спортскиот дух. В.Д.