Менаџирањето со отпад и третманот на отпадните води се меѓу клучните приоритети за Европска унија со цел Струга и Охрид да го задржат статусот на УНЕСКО. Ова го истакна евроамбасадорот Михалис Рокас по средбата со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
На средбата било разговарано за евроинтегративниот процес на Македонија, како и за локалните предизвици со кои се соочува Струга.
Рокас посочи дека управувањето со цврстиот отпад бара итни решенија, при што како опција се разгледува изградба на регионален центар или фабрика за негово процесирање. Во таа насока, најави и објава на тендер за избор на компанија што ќе го реализира проектот.
Дополнително, како сериозен проблем беше посочено испуштањето на непречистени канализациски води во езерото, што претставува ризик за животната средина и за статусот на регионот како заштитено подрачје.
Евроамбасадорот нагласи дека ЕУ ќе продолжи со поддршка преку програмите како „People to People“, како и преку иницијативите за прекугранична соработка со Грција и Албанија.
На средбата било отворено и прашањето за недостиг на капацитети во градинките, при што Рокас најави дополнителни разговори со Владата за изнаоѓање финансиски решенија.
Градоначалникот Ќура оцени дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера, потенцирајќи дека општината останува посветена на европскиот пат и на реализација на проекти, дел од кои се финансирани со средства од ЕУ.
































