Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Енергетиката денес претставува клучен фактор за стабилност, безбедност и геополитичко позиционирање, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска за време на средбата со австрискиот канцелар Кристијан Штокер во Виена.

Како дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, Божиновска истакна дека Македонија има јасна амбиција да се позиционира како регионален енергетски јазол преку интерконективност, диверзификација и инвестиции во обновливи извори на енергија.

 – Нашата порака е јасна – нудиме предвидливост, стабилност и конкретни можности за инвестиции – нагласи министерката.

Според информациите од нејзиниот кабинет, разговорите биле фокусирани на економијата, енергетската сигурност и регионалната стабилност, при што била истакната и поддршката за европската интеграција на земјата, како и потребата од зајакнување на енергетската поврзаност.

На средбата со претставници на австриската влада биле отворени и теми поврзани со зелената транзиција, одржливите политики и новите енергетски модели.

Во рамки на посетата, македонската делегација одржала и економски состанок со претставници на водечки австриски компании, каде биле разгледани можностите за нови инвестиции, технолошки трансфер и продлабочување на економската соработка.

Од Кабинетот на Божиновска оценуваат дека средбите испратиле силна порака за потенцијалот за раст на економската соработка меѓу двете земји, со зголемен интерес за долгорочно партнерство и инвестициски проекти.