Во рамки на министерски состанок одржан на маргините на Економски форум во Делфи, беше усвоена „Делфи декларацијата за европската интеграција на Западен Балкан“, со која се потврдува силната политичка волја за забрзување на процесот на приближување кон Европска Унија, пренесе МИА.
Во декларацијата се нагласува решителноста, во духот на Солунска агенда, активно да се унапреди патот кон членство на земјите од регионот и да се постигнат конкретни резултати за време на идното грчко претседателство со Советот на ЕУ во 2027 година.
Делфи декларацијата за европската интеграција на Западен Балкан“ ја усвоија шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис и претставниците на шесте земи од регионот, односно заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора Иван Иванишевиќ и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција Драган Вуковиќ.
Учесниците се обврзаа да ги засилат напорите за регионална соработка и европска интеграција, со конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Во декларацијата се потврдува дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ, со јасна посветеност на европските вредности – демократија, владеење на правото и почитување на човековите права.
Особен акцент е ставен на интеграцијата како стратешки императив за европската безбедност и стабилност, како и на потребата од поддршка во справувањето со хибридни закани и дезинформации.
– Ја нагласуваме важноста на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ како стратешки императив за европската безбедност, со цел зајакнување на отпорноста, автономијата и подготвеноста на регионот и низ Европа. Го поздравуваме обновениот фокус на ЕУ кон проширувањето и интеграцијата на Западен Балкан како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот во нашиот регион и нашиот континент. Ја истакнуваме потребата од ефикасна интеграција и опиплива поддршка од ЕУ за партнерите од Западен Балкан во борбата против хибридните закани и кампањите за дезинформации – пишува во Декларацијата.
Претставниците исто така ја нагласија важноста од добрососедските односи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и спроведувањето на Планот за раст за регионот.
Во делот за инфраструктура и економска поврзаност, декларацијата повикува на забрзана интеграција во европските транспортни и енергетски мрежи, вклучително и проширување на Трансевропска транспортна мрежа, како и развој на клучни коридори како Коридор VIII и Коридор X.
Дополнително, се потенцира потребата од олеснување на трговијата и подобрување на протокот на стоки преку границите меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.

































