Филозофскиот факултет на социјалните мрежи соопшти дека по реакциите во јавноста за упис на студенти на втор и трет циклус, бил спроведен вонреден инспекциски надзор, по што е утврдена спорност во постапката и наложено нејзино поништување.
– Согласно утврдената состојба, инспекцијата донесе решение со кое експлицитно утврди дека уписот е спорен и наложи негово поништување – информираат од Факултетот.
Оттаму посочуваат дека станува збор за можен пропуст поради различно толкување на правилникот.
– Општиот впечаток покажа дека системска конфузија на една одредба од правилникот можно е да довела до погрешна постапка при селекцијата на кандидатите – наведуваат од Филозофскиот факултет.
Како што појаснуваат, дел од кандидатите биле третирани како да го исполнуваат условот од 240 кредити врз основа на збир од студии, иако тоа не е експлицитно предвидено со закон.
Факултетот нагласува дека веднаш биле преземени мерки за надминување на проблемот.
– Веднаш презедовме системски чекори за унапредување на процедурите, со цел да се обезбеди правна сигурност, академски интегритет и институционална стабилност – стои во соопштението.
Воедно, од институцијата потенцираат дека вакви ситуации нема да се повторуваат.
– Овие мерки гарантираат дека секој процес ќе биде спроведен со највисоки стандарди на законитост и академска чесност – додаваат од Факултетот.
Од Филозофскиот факултет уверуваат дека нивното работење останува стабилно и кредибилно.
– Нашата институција останува гарант на довербата, кредибилитетот и легитимитетот во високото образование – наведуваат тие.
Дополнително, апелираат случајот да не се генерализира.
– Овој изолиран случај не смее да се доведува во прашање целокупното работење на Факултетот, кое со децении се одвива во согласност со законските прописи и академските стандарди – порачуваат од институцијата.
































