Директорот на Транспортна заедница, Матеј Закоњшек, изјави дека се работи на решение за ограничувањата на престојот на професионалните возачи во Шенген зоната, нагласувајќи дека во Брисел се одржуваат редовни состаноци со цел изнаоѓање компромис.
Тој денеска пред собраниската Комисија за европски прашања ги презентираше клучните наоди од Годишните извештаи за 2025 година на Транспортната заедница, истакнувајќи дека процесот на усогласување се одвива со учество на сите засегнати страни.
Закоњшек посочи дека проблемот со професионалните превозници е сериозно адресиран, но дека решението мора да се бара во рамки на Шенген регулативите. Според него, во Брисел се анализираат и краткорочни и долгорочни мерки за олеснување на движењето на возачите.
Претседателот на Комисијата за европски прашања Антонио Милошоски истакна дека прашањето со транспортот е од заеднички интерес за цела Европа, бидејќи доцнењата во синџирите на снабдување директно влијаат врз економијата и цените на производите.
Во дебатата беше отворено и прашањето за гужвите на границите по воведувањето на новиот систем за влез и излез во ЕУ, при што пратеничката Ели Панова предупреди на долгите чекања и нивното влијание врз патниците и транспортот.
Закоњшек одговори дека намалувањето на застојот бара координација меѓу царинските, полициските и санитарните служби од двете страни на границите, како и инвестиции во инфраструктура и дигитални системи.
Тој потсети и на проектот „Зелени коридори“, како и на програмата за безбедност и одржлив транспорт, преку која се обезбедени 54 милиони евра за подобрување на 11 гранични премини меѓу земјите од регионот и ЕУ.
































