- Во случајов, рамката и протоколот се поврзани од т.н. француски предлог. Тој е синоним за катастрофалната преговарачка рамка, преку која Македонија нема шанса ни да се приближи до Брисел. Благодарејќи (не само!) на Париз, дискретно, во рамката се вметнати сите бугарски фантазмагории и историски синдроми – дека сме „Бугари“ по род, со јазик дијалект и со заедничка бугарска историја. А од претходната власт се согласија со рамката, која во никој случај не е бугарска заслуга, туку е резултат на политиките на главниот светски фактор, безусловно поддржан од Брисел
Сега, главни пречки на нашиот пат кон Унијата, поточно бастион на македонските интереси, се преговарачката рамка и вториот протокол, иако меѓу нив нема никаква формална врска! Поточно, протоколот е ставен во функција на рамката заради разнебитување на Македонците! Еве и зошто. Рамките ги одредува Брисел за преговори на кандидатите за членство, во случајов за Македонија. Вториот протокол, пак, како и другите што, според рамката, треба да следуваат се обврски од договорот за (не)пријателство меѓу Македонија и Бугарија. Со неговиот член 12 е формирана меѓувладина комисија, која треба да се состанува – „редовно секоја година“, за да го следи спроведувањето на договорот и да решава евентуални проблеми пројавени во процесот. Ништо повеќе.
Во случајов, рамката и протоколот се поврзани од т.н. француски предлог. Тој е синоним за катастрофалната преговарачка рамка, преку која Македонија нема шанса ни да се приближи до Брисел. Благодарејќи (не само!) на Париз, дискретно, во рамката се вметнати сите бугарски фантазмагории и историски синдроми – дека сме „Бугари“ по род, со јазик дијалект и со заедничка бугарска историја. А од претходната власт се согласија со рамката, која во никој случај не е бугарска заслуга, туку е резултат на политиките на главниот светски фактор, безусловно поддржан од Брисел.
Очигледно, тие сметаат дека сега е моментот кога „македонското прашање“ треба дефинитивно да се затвори, што е можно само со бришење на Македонците. Тоа е истото сценарио како и во случајот со Атина, при нашето прекрстување. Затоа, крајно наивно е да се верува дека Грција нѐ прекрсти, а Бугарија сака да нѐ бугаризира. Проектот е многу поширок и филигрански се реализира по независноста на Македонија. Атина и Софија се само обични алатки задолжени за егзекуцијата. Улогите ги добиле заради вековното игнорирање на Македонците.
Во 2020 г., Софија тргна во финална офанзива за наша бугаризација. Во септември, Собранието усвои декларација, рамна на средновековна анатема, која нивното МНР ја претвори во „објаснувачки меморандум“, дистрибуиран низ целиот свет. Во него, детално се „објаснува“ дека ние сме „Бугари“! Потоа, ставија вето и на нашите преговори со ЕУ.
Оваа бугарска мизерија, меѓутоа – не успеа! Светот не можеше да проголта таква глупост! Затоа, бугарскиот екстремен шовинист Радев, инаку претседател, јавно најави дека Македонците ќе бидат урнисани преку проект за човекови права! Тој постави ултиматум – во нашиот устав да се имплантираат непостојни „Бугари“ и така државава да се рекомпонира во втора бугарска. Според нивната налудничава пресметка, ако 200 илјади Македонци зеле пасоши и се декларирале како „Бугари“, заедно со другите членови на семејството, тоа е веќе цифра од над 600 илјади „Бугари“! Повеќе и од Македонците и од Албанците во земјава!?
Тука е зародокот на врската на протоколите со Бугарија со преговарачката рамка! Врската е врвен доказ дека зад Софија, во плановите за нашата бугаризација, стои некој многу важен, а Брисел само спроведува! Затоа добивме непремостлива рамка со ултиматум за промена на Уставот. За Уставот, пак, беше потребна наша формална согласност, за што единствен начин беше – протоколот со Бугарија! А самата промена можеше да ни се наметне единствено преку рамката! Протоколите, иако немаат таков мандат, сега добија улога да го овозможат бришењето на Македонците!?
Рамката за Македонија, која Брисел ја усвои на 30.6.2022 година, е доказ дека кога ќе навлезеш во жив песок, веќе немаш избор туку сѐ повеќе пропаѓаш. Рамката на повеќе места се повикува на вториот протокол и во него дадената наша согласност за промена на Уставот, а протоколот е потпишан на 17.7.2022 година, или цели 17 дека откако Брисел веќе го официјализираше! На нероден Петко, капа му скроиле! Ова се докази дека, за некого, нашата бугаризација е трајна цел, која бескрупулозно се спроведува.
Владата на СДСМ се согласи со рамката уште пред 30.6.2022, а на 7.7.2022 година, седум дена по нејзината формална промоција, во Собранието поднесе – „Информација за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори… предложена од претседателството на Франција… на 30.6.2022 година“, со која бара согласност за истата таа!? Рамката веќе е усогласена и ова барање е покритие за веќе сторен криминал! Информацијата до Собранието е на една страница и има само технички податоци, без апсолутно никакви детали од погубниот предлог, од над 20 страници!
На 16 јули 2022 години, Собранието донесе заклучоци за преговарачката рамка, како француски предлог! Вториот протокол не бил воопшто спомнат! Утредента по усвојувањето на рамката, Владата отиде во Софија и го потпиша вториот протокол, во кој „клучна“ е согласноста за промена на Уставот! Така се затвори кругот за веќе договорената преговарачка рамка. Според замислата на Радев, заради прекинување на бугарското вето, промената на Уставот е клуч за почеток на нашите преговори со ЕУ!?
Попладнето, откако Собранието ги усвои заклучоците, според сакамдакажам.мк, премиерот Ковачевски, соопштил: „Владата на денешната седница ги разгледа и ги усвои заклучоците кои денеска ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство…“. Каков аматеризам! Ова веќе не личи на држава, туку на пејачко друштво. Собранието е тоа што ги разгледува и усвојува предлозите на Владата и донесува заклучоци, кои таа е обврзана да ги спроведува! Никако обратно! Ковачевски уште изјавил: „Со ова заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја. Ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата… Од денес, одиме напред со забрзан чекор до ЕУ“.
Апсолутно ништо од тоа не е точно. Зборувал глупости и измислици, а заокружиле само ново предавство, какви што имало доста во трагичната историја на Македонците.
Криминал до криминал, предавство до предавство. Со вториот протокол, и особено со тие што треба да следуваат меѓу нас и Бугарија, а веќе се дел од преговарачката рамка, на Софија ѝ се даваат сите права да го води нашиот преговарачки процес со Унијата. Практично, ние треба да преговараме со – Софија!? Токму затоа, освен инволвираните суртуци, никој друг не знаел што содржи рамката! Најмалку пратениците, кои изигруваа шарлатани.
Тие изгласаа добри, ама бесмислени заклучоци – за Копенхашки критериуми; за безусловно почитување на јазичните, идентитетски, историски и културни особености на македонскиот народ; за македонски јазик без никакви додавки и фусноти… Арно ама, одобрија рамка што никој не ја видел и во која сѐ е спротивно од нивните заклучоци! Со рамката се негираат токму клучните македонски атрибути – народ, јазик, историја…
Никој не ги информира пратениците дека ќе се потпишува втор протокол. Тоа е практично нов договор со Бугарија, кој, за да влезе во сила, според членот 13, став 2, од договорот за (не)пријателство, морало да биде ратификуван од двете собранија. А не беше!? Значи, тој нема никаква легална вредност. А власта, за по секоја цена да ги започне преговорите со ЕУ, ги жртвувала фундаменталните интереси на македонскиот народ и – не постигнала ништо! Каква политичка катастрофа, филувана со тежок криминал!
Да потсетиме дека во договорот за (не)пријателство, обврска за промена на Уставот ниту има, ниту можело да има! Постапка за тоа може да се поведе само во Собранието, и тоа од претседателот, Владата, најмалку 30 пратеници и 150 илјади граѓани. Од никој друг. А Владата, преку МНР, Бујар Османи, прифати таква обврска со вториот протокол, и тоа во странство!? Потешко кривично дело – здравје! „Нашите“ токмаци знаеле дека во Собранието не можат да бараат согласност за промена на Уставот и барале само за т.н. француски предлог, поточно – рамката! Сосема намерно, Владата не му дала на Собранието податоци за содржината на рамката бидејќи нејзина основна цел е наша бугаризација.
Околу тоа и едно дополнително објаснување. Никаде во нелегалните и ултимативно подметнати документи не се бара, ниту може да се бара, Бугарите да бидат конститутивен народ во Уставот. Тоа се само софиски небулози. И во вториот протокол и во рамката стои дека треба да се внесат – „… граѓани… што се дел од други народи, како што е бугарскиот“. Прво, и клучно – „дел од друг народ“ е класичен синоним за – малцинство! Што се малцинствата, ако не се делови од други народи? Тоа е кристално јасно. Второ, и уште поважно, „деловите од други народи“ недвосмислено имаат и своја – матична држава. Ако е така, а така е, тие долови од народи го имаат искористено правото на државотворност во своите матични држави и не може да бидат државотворни и во други држави. Федерациите се посебен случај. По агресијата од Косово, и ОРД, и Албанците се „залетаа“ дека се „дел од друг народ“, што беше американска звучна измислица. Уставот го изгласаа и сега не можат да бидат државотворни. Тоа право го имаат само во нивната матична држава!
Нема никакво оправдување за нашите измеќари, кои ги доведоа во прашање фундаменталните национални и државни интереси. Како извршители, тие се тешки криминалци. Во прашање се тешки злосторства што не застаруваат и за кои мора да се заинтересира и Јавното обвинителство.
Ристо Никовски
































