Ма­тео Сал­ви­ни жестоко ги критикуваше Европската комисија и ММФ на собирот во Милано / Фото: ЕПА

Остра порака од европските суверенисти до водечките функционери на Европската Унија со барање за суспензија на „ЕУ-политиките на погрешни приоритети“!

  • Европските суверенисти на протести во Милано жестоко ги критикуваа актуелните политики на раководството на Европската Унија, особено на Европската комисија. Истовремено, тие побараа ревизија и за енергетските политики на Брисел, јавно барајќи враќање на рускиот гас и нафта во ЕУ, како и промена на политичкиот курс на Унијата
  • Европските суверенисти ги посочија Соединетите Американски Држави како пример за грижа за својата нација и држава, со прагматичното продолжување на трговијата со енергија со Москва, истакнувајќи: „Ако го прават ова во Вашингтон, мора да го прават истото тоа и во Брисел.“

Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд се раководени од Марсовци и тие се злонамерна двојка, но ние ќе ги симнеме назад долу, на планетата Земја, остро порача од собирот во Милано изминатиот петок Матео Салвини, лидерот на италијанската десничарско-суверенистичка партија Лига, кој е и вицепремиер и министер за инфраструктура во актуелната италијанска влада. На овој собир на европските суверенисти Салвини го кажа ова како негова реакција кон препораките за штедење на енергијата во домаќинствата во Европа, означувајќи ги функционерите од Европската комисија и од Меѓународниот монетарен фонд како луѓе што не се во допир со европската реалност.

Посочен примерот на САД за трговијата со енергенти со Русија

Салвини ги посочи Соединетите Американски Држави како пример за продолжување на трговијата со енергија со Москва, истакнувајќи: „Ако го прават ова во Вашингтон, мора да го прават истото тоа и во Брисел.“
Паралелно со политичките пораки, и бизнис-секторот испраќа слични сигнали. Генералниот директор на енергетската компанија ЕНИ, Клаудио Дескалци, повика на преиспитување на санкциите и предложи суспензија на забраните за увоз на руски гас. Според него, Европската Унија треба да го смени курсот доколку сака да обезбеди стабилност и пониски цени на енергентите.
Од друга страна, во контекст на овој настан, Москва испраќа сигнал дека е подготвена за соработка. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е отворена за продолжување на испораките на гас кон ЕУ, „доколку постојат преостанати количества по снабдувањето на алтернативните пазари“.
Во меѓувреме, за издвојување е фактот дека ЕУ се соочува со рекордно високи цени на гасот, при што најголемиот дел од течниот природен гас (ЛНГ) доаѓа од САД. Според податоците на Европската комисија за 2026 година, повеќе од две третини од увезениот ЛНГ во Унијата потекнува од американски извори, што претставува највисоко ниво на зависност од САД досега.
Овие случувања отвораат сериозна дебата за иднината на европската енергетска политика, односите со Русија и економската одржливост на сегашните стратегии. Собирот во Милано може да биде сигнал за продлабочување на поделбите во ЕУ, но и почеток на нова политичка и економска динамика на Стариот Континент.
Во изјава пред овој собир, Салвини ги исмеваше препораките на ЕУ според кои граѓаните треба да „работат помалку, да патуваат помалку, да го исклучуваат греењето и помалку да се мијат“ како „начин за штедење енергија“.
– Ако се ова решенија за високите трошоци за сметките за енергија и дизелот, кажете ми дали тие во Брисел се нормални. Единственото сериозно нешто што можеше да го направи Брисел денес е да каже: ајде да ги суспендираме европските правила (за Пактот за стабилност и Зелениот договор – н.з.) – изјави Салвини за „Телеломбардија“ во врска со нацрт-планот на ЕУ за справување со енергетската криза ден пред собирот на европските суверенисти во Милан.
Во овој контекст на собирот во Милано, паралелно со враќање на купувањето руски гас и нафта, следејќи го примерот на САД, италијанскиот вицепремиер Салвини побара и суспензија на правилата на Пактот за стабилност, но и стопирање на, како што кажа, „идеолошкото чудовиште наречено Зелен договор“.

Изнесена агенда за суспендирање на бриселската политика на погрешни приоритети

Всушност, Салвини во Милано ја изнесе агендата на италијанските и на другите европски суверенисти за суспендирање не само на европските правила за Пактот за стабилност и Зелениот договор туку и за суспендирање на „политиката на погрешните приоритети“ на Европската Унија, која издвојува премногу пари за вооружување, а недоволно за справување со скапата енергија. што ги погодува граѓаните и индустријата.
– Движењето „Патриоти за Европа“ ќе се залага за Европа што ќе биде различна од оваа Европа што ја води Урсула фон дер Лајен – нагласи Матео Салвини на манифестацијата на европскиот суверенизам, нималку случајно организирана и одржана под мотото „Без страв во Европа – господари во нашата куќа“.
На сцената на собирот лидерот на Лига и вицепремиер Матео Салвини зборуваше со пиетет за досегашниот унгарски премиер Виктор Орбан, кој беше поразен на неодамнешните избори во Унгарија.
– Вие ги браневте границите и се боревте против трговците со луѓе и оружје. Но ќе ја продолжиме заедно оваа битка за слобода и владеење на правото – укажа Салвини.

Претставена визија за „реемиграција“

Во врска со миграциската политика тој изнесе визија заснована на концептот на „реемиграција“ и нов систем на државјанство базиран на заслуги. Лидерот на Лига рече дека „реемиграцијата не значи испраќање на секој што ќе го сретнете на улица, туку дека дозволата за престој и државјанството се чин на доверба“.
– Им гарантираме бенефиции и бесплатна здравствена заштита, но ако направат голем број грешки, тогаш ќе се вратат во својата земја – вака го образложи Салвини тој „концепт на реемиграција и нов систем на државјанство базиран на заслуги“.
Салвини истакна и една интересна теза за давање преференции и приоритет на одредени мигранти во миграциските текови, што е негов став што веројатно ќе биде предмет на натамошна анализа и критика.
– Сакаме да ѝ дадеме приоритет на имиграцијата од земјите што ни се блиски по култура и вредности, за да обезбедиме вистинска интеграција, а не хаос што ѝ служи на глобалистичката левица да им плаќа помалку на работниците во фабриките – рече тој.

Илјадници на протестниот собир „Господари во сопствениот дом“

Како што објави бриселскиот портал „Евроњуз“, илјадници луѓе учествуваа во Милано во саботата на демонстрациите, кои беа дел од собирот „Господари во сопствениот дом“, организирани од Лига и групата „Патриоти за Европа“. Пред да стигнат до „Пјаца Дуомо“ во Милано, околу две илјади луѓе маршираа низ центарот на градот, предводени од трактор со истакнат транспарент со натпис „Произведено во Италија“ и од градоначалниците на партијата Лига, кои носеа тробојни појаси, во исти бои како и италијанското државно знаме.
На адреса на Брисел од Милано изминатата сабота беа упатени остри критики и пораки и од редица други европски политички и државни лидери што се дел од суверенистичкото движење „Патриоти за Европа“. Во врска со ова „Евроњуз“ нагласува дека „Патриотите за Европа се собраа околу Салвини“.
Многу европски лидери што му припаѓаат на „Патриоти за Европа“ се качија на сцената, зајакнувајќи ја пораката за одбрана на националните граници. Чешкиот премиер Андреј Бабиш нагласи дека „Патриотите претставуваат Европа во која границите се заштитени“.
Основачот на Партијата за слобода од Холандија, Герт Вилдерс, исто така активно учествуваше на собирот. Меѓународната делегација со настапи во јавноста ја комплетираа и Французинот Џордан Бардела, Шпанецот Сантијаго Абаскал и Австриецот Удо Ландбауер. Гледајќи напред кон претседателските избори во Франција, Бардела рече дека „победата за Националниот собир во Франција нема да биде само француска победа туку победа за сите нации на Европа“.

Свето Тоевски