Во светот на уметноста стихијата носи голема сила и случајни, повремени и архаични резултати. Системот, пак, создава моќ и произведува постојаност и очекувани резултати. Доколку сакаме уметност и уметници финансирани од државни грантови што ќе прават авторски филмови, лични дела за себепромоција, главно преку учество на филмски фестивали, тогаш немаме потреба од каков било облик на индустриско организирање на кинематографијата, телевизијата и новите медиуми. Стихијата во светот на уметноста е како војна, како надојдена река, пожар или земјотрес. Ќе се случи некаков настан што со ништо не зависи од вас, ќе создаде деформација на просторот и времето, ќе предизвика човечки драми, некој уметник во светот на филмот – ќе го раскаже визуелно, тоа кај луѓето ќе произведе емпатија, ќе ги собере аплаузите и пофалбите, и тука завршува сѐ. До новата стихија! Бидејќи многу, ама многу долго време живееме во беда што создава социјална стихија, во Македонија најчестиот филмски наратив е инспириран токму од социјалната стихија! Погледнете ја македонската кинематографија, која е еманентна на светските филмски фестивали, и ќе видите дека сѐ е рефлексија на нашата социјална стихија. Дали ова е легитимно во светот на уметноста? Секако. Дали е уметност? Да. Дали треба да се прави? Се разбира. Дали тоа е еманација на нас, такви какви што реално сме? Апсолутно. Дали треба само и на тој начин, преку создавање уметност на стихијата, да се еманираме самите себе, дома и во светот? Е, тоа е веќе одлука, определен вид на Мисиркова дилема што ги изведува прашањата: шчо напраивме и шчо треба да се прави за потака?!
Разликата помеѓу стихијата и системот е суштествена. Стихијата е својство на неорганизирани, а системот на организирани заедници. Ако врне, ќе има вода во реката. Ако си посеал лозје, копај и моли Бога да падне дожд! Во реалноста тоа значи – ако имате на власт политичка гарнитура што ја интересира уметноста на филмот (од различни причини!), ќе се прават филмови. Ако нема таква номенклатура, нема да се прават филмови. Толку е. Стихијата ќе се еманира така што еднаш ќе имате буџет од осум милиони евра, па потоа тој ќе падне на четири милиони, па на два милиона и сѐ така во круг. Затоа што политиката исто така е стихија, а политичката волја стихијна! Таа доаѓа и си оди. Денеска политиката е ваква, а утре онаква! Системот пак значи постојаност, планирање, развој и очекувани резултати. Ако сме решиле да правиме стихијна кинематографија, што секако е легитимна идеја во светот на визуелните уметности, тогаш немаме потреба од постоење на институционална структура во форма на агенција за филм, затоа што нејзиното постоење во суштина е стигма, ограничување, забавување, а во определена мера и цензурирање на творечката слобода, која во краен случај треба да се еманира во уметничко дело – филм. Агенцијата за филм, во ова ситуација, поставена е да биде антагонист, непријател, противник на уметноста и уметниците! Агенцијата, како државен апарат, во суштина постои да применува закони, да создава правила, добри практики и, да не заборавиме, да спроведува стратегии и политики на владата и државата. А сето тоа во својата суштина е спротивставено на уметникот и неговиот внатрешен и надворешен свет, кој е поставен на беззаконие, на неред, на анархија, на инспирација и на емоционална и социјална стихија. Уметноста и уметникот ги презираат, не ги поднесуваат туѓите практики и искуства.
Уметникот има потреба од производство на лични, само негови искуства и знаења, кои ќе произлезат од творечкиот процес на создавање едно уметничко дело. Точка по прашањето. Самата идеја за тоа да постои агенција за филм што ќе финансира уметници што ќе создаваат уметнички филмови е контрадикција, која прави општа дисфункционалност низ целиот, логично бирократизиран и комплициран процес на финансирање, контрола и евалуација на она големо мачење, кое не може да се нарече организирано филмско производство, туку „правење филмови“. Секој филм во Македонија е „правење“ само за себе. Во суштина, кинематографијата кај нас е едно големо, ама многу големо „самопрајство“!
Постоењето на агенција за филм во земја во која корисниците на грантовите, на парите, се продуценти, кои според закон, но и во суштина се трговци – управители на трговски друштва наречени филмски продукции, реално создава незадоволство кај уметниците режисери, кои во практика немаат никаква творечка или уметничка слобода, од причина што тие не управуваат со инструментите и средствата за работа во уметноста на филмот, туку трговските друштва, кои реално се „неразбрани трговци“ што ги „продаваат“ делото и животот на уметниците режисери! Ете ги парадоксот и апсурдот на едно место. А, парадоксалните и апсурдните состојби, драги мои, произведуваат болни измачувања кај оние што се ставени во такви ситуации. Во нашиот случај тоа се уметниците режисери. Во Македонија процесот на производство на филм трае во просек четири години. Како може да живееш и да создаваш синкретика што во себе го содржи сето знаење за светот ако ти немаш никаква контрола над тоа? Ако сме реални и ако сакаме да престанеме да се лажеме себеси, ќе видиме дека само оние режисери што имале контрола на финансиите и самите го организирале процесот на работа, ги завршиле своите филмови со пристојна продукциска и уметничка вредност и постигнале резултати на пазарот на уметнички филмови наречени филмски фестивали! Сѐ друго е инцидент и мачење, кое почнува и завршува со антагонизми на релацијата агенција за филм – трговци/продуценти – уметници! Значи, нема како да не се согласиме дека во овој момент се работи за полусистем, за полуорганизација, за полуагенција, која не по своја вина е ставена во позиција да ја амортизира целата оваа стихија преку бирократизирање и административен формализам, на крајот од сѐ, на општо незадоволство на сите!
Што можеме да извлечеме од ова како заклучок? Доколку сакаме да имаме стихијна кинематографија (ако така решиме, тоа ќе биде легитимно и легално), која поддржува уметност на филмот и филмски уметници, тогаш немаме потреба од агенција за филм! Треба само да се вратиме еден чекор назад. Да ја реорганизираме агенцијата во фонд за филм, кој ќе финансира правење уметнички филмови чие создавање во целост или во најголем дел ќе биде контролирано од самите уметници.
Уметниците режисери треба да гарантираат за добиениот грант преку систем на менични или други гаранции и така да создаваат уметничко творештво како општествена потреба за наша еманација во форма на културен настан, како културен производ, како уметност, а не како производ за масовна консумација или индустрија. Станува збор за одлука за тоа што сакаме да правиме! Уметност или индустрија? Ако сакаме уметност, тогаш нема за што да ни е агенција за филм, која во суштина е владина алатка за економски и индустриски развој на определен сектор или дејност. Агенцијата има функција да создава додадена вредност, а не уметност, која пак е производ на додадената вредност. Ако така решиме, освен законски измени, потребно е и онака малата администрација од Аагенцијата да се трансферира во старо-новиот филмски фонд и да продолжиме таму каде што застанавме! Без паника, драги мои. Ништо страшно, ништо погрешно! Едноставно, станува збор за избор. За општествен договор. Знам дека продуцентите трговци ќе кажат дека на овој начин се одзема алатката наречена „европски копродукции и европски дистрибуции, вмрежување и афирмација на македонскиот филм во Европа и светот“ преку системот на малцински копродукции. Да не се лажеме, и досега филмови во Македонија се снимаат со средствата добиени од Македонија, од Агенцијата за филм, секогаш, ама секогаш намалени на ниво на елементарна функционалност на производството. Парите од копродукциите, дома или надвор, многу често завршуваат кај продуцентите трговци, а не во филмовите! И секогаш на штета на продукциската вредност на филмот и на творечките амбиции на уметниците режисери. Во овој момент неколкуте европски програми за поддршка на филмот овозможуваат авторите сами да аплицираат на проекти за дополнителни грантови, за развој, продукција, вмрежувања и дистрибуција. Дали е ова легитимно? Да. Дали е реално? Да. Реков погоре. Оние режисери што имаат контрола на финансиите и организацијата на производството создаваат краен производ во реално време. Со чесни исклучоци, секако! И за последен пат: во едно цивилизирано општество, сѐ е работа на договор за тоа што сакаме да правиме. И што очекуваме од себеси! Сѐ друго е лага и измама.
П.С. Мислев дека во една колумна ќе успеам да ги дефинирам двете спротиставени гледишта стихија и систем, но излезе дека ова е толку голем и опак ѕвер што со својот ненаситен глад јаде дури и букви и реченици. Продолжувам во следната колумна. Се фатив на орото, ќе го играм докрај.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа Прима“
































