Фото: МИА

Охрид денеска на свечен и симболичен начин му оддаде почит на д-р Анастас Коцарев, истакнат лекар и патриот, кој својот професионален и животен пат го афирмирал во светот, носејќи го со себе духот на родниот град.

Во присуство на градоначалникот Кирил Пецаков, членови на семејството и голем број граѓани, пред влезот на неговата родна куќа во стариот дел на Охрид беше откриена спомен-плоча.

Фото: МИА

Градоначалникот Пецаков истакна дека градот има обврска да им се оддолжи на личности како Коцарев, за нивниот придонес во афирмацијата на Охрид, Македонија и македонското прашање.

Тој најави дека ќе следуваат дополнителни активности за одбележување на неговото дело, меѓу кои и иницијатива плоштадот кај Стариот чинар да го носи неговото име.

Од името на семејството се обрати Соња Коцарева-Трпезановска, која потсети дека Коцарев бил светски признат онколог и истовремено активно вклучен во борбата на македонскиот народ за сопствена држава.

 – Конечно му се оддава почит во неговиот роден град. Се надеваме дека неговото дело ќе биде трајно зачувано и чествувано –  истакна таа.

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова вчера постхумно го одликува Коцарев со орденот „Илинден 1903“ за исклучителен придонес во медицината и во борбата за независна Македонија.

Одликувањето, едно од највисоките државни признанија, семејството го донираше на Заводот и Музеј – Охрид, каде што ќе биде изложено во Куќата на Робевци.

Директорот на институцијата Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, истакна дека е чест да се чува ова значајно сведоштво, кое ќе придонесе и за збогатување на културната и туристичката понуда на градот.

Тој најави дека со ова се заокружува „патеката на охридските великани“, во која се вклучени и други историски личности од градот.

Градоначалникот Пецаков дополнително најави изработка на мурал под родната куќа на Коцарев, како и поддршка за иницијативата за пренесување на неговите посмртни останки од Париз во Охрид, како траен чин на почит.