Фото: МИА

Ректорите на јавните универзитети изразија поддршка за новите законски решенија за високо образование и наука, оценувајќи дека тие ќе придонесат за подобрување на квалитетот и за посилно меѓународно позиционирање на македонските универзитети.

На прес-конференција во Влада на Република Македонија, ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова, истакна дека законите се разгледани низ инклузивен процес со учество на сите универзитетски единици и усвоени од највисоките тела на универзитетот.

Таа нагласи дека законите се донесени во партнерство со Министерство за образование и наука и дека предвидуваат повисоки критериуми за избор и реизбор во академски звања, што, според неа, ќе резултира со подобро рангирање на универзитетите на меѓународно ниво.

 – Со законот се заштитува автономијата, а за првпат се воведува и петгодишно буџетско планирање, што носи поголема стабилност во работењето – рече Ангелова.

Ректорот на Универзитет „Мајка Тереза“, Беким Фетаи, ја поздрави иницијативата за унапредување на квалитетот и истакна дека универзитетите активно учествувале во креирањето на законите.

Дејан Мираковски, ректор на Универзитет „Гоце Делчев“, посочи дека новините овозможуваат проектно ангажирање на млад кадар, што може да помогне во задржување на младите во земјата.

Поддршка за реформите изрази и Веланд Рамадани од Универзитет на Југосисточна Европа, нагласувајќи дека тие се чекор кон усогласување со европските стандарди.

Сепак, студентските претставници изнесоа и забелешки. Александар Николовски посочи дека Национално студентско тело не е предвидено во законот, иако тоа било клучно барање на студентите.

Тој додаде дека студентите бараат пократки мандати во универзитетските собранија, поголема застапеност во управувачките тела и порамномерно финансирање на универзитетите според бројот на студенти.