- Министерот за внатрешни работи Емил Дечев изјави дека постојат информации за подготовка на поголеми количества фалсификувани евра, кои би можело да се користат за купување гласови, иако не наведе конкретни износи. Тој додаде дека методите за влијание врз гласачите стануваат сè поразновидни и „креативни“, наведувајќи примери како користење фризерски салони и отпишување долгови во замена за политичка поддршка
Во Бугарија излегоа на виделина мноштво показатели за сериозни нерегуларности во пресрет на вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 19 април. Имено, надлежните институции соопштија податоци за запленети средства, пријави за злоупотреби и сомнежи за организирано купување гласови.
Привремениот премиер на Бугарија, Андреј Ѓуров, изјави дека Министерството за внатрешни работи досега запленило околу еден милион евра во рамките на операција поврзана со спречување на купувањето гласови. Според него, институциите спроведуваат засилени акции против изборни злоупотреби.
Генералниот секретар на МВР, Георги Кандев, соопшти дека борбата против купувањето гласови ќе остане приоритет и по изборниот процес, нагласувајќи дека досега се регистрирани 1.740 пријави за изборни нерегуларности. За споредба, на изборите во 2024 година биле поднесени 418 поплаки.
Министерот за внатрешни работи Емил Дечев изјави дека постојат информации за подготовка на поголеми количества фалсификувани евра, кои би можело да се користат за купување гласови, иако не наведе конкретни износи. Тој додаде дека методите за влијание врз гласачите стануваат сè поразновидни и „креативни“, наведувајќи примери како користење фризерски салони и отпишување долгови во замена за политичка поддршка.
Политичката криза во земјата се продлабочи по оставката на владата на премиерот Росен Жељазков во декември минатата година, мотивирана од масовните јавни протести. Во јануари не беа успешни обидите за формирање нова влада, што доведе до нови избори – осми во последните пет години. На претстојните избори учествуваат 14 партии, 10 коалиции и еден независен кандидат. Р.С.
































