Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (14)
Во Македонија постојат култни места што со векови ги привлекувале не само македонскиот народ и соседните народи туку и многу патописци. Еден таков мистичен камен се наоѓа во Овче Поле, го нарекле „Говедар камен“, а за него пишувале не само етнолози туку и сведоци на случувањата во Македонија што поминувале или наменски доаѓале за да ги соопштат навиките, начинот на живеење и верувањата на народот. Во ова продолжение од фељтонот, читателите на „Нова Македонија“ можат да видат ексклузивна објава од пред 48 години од нашиот весник, дополнета со превод на патописи стари околу 90 години.
Според Археолошката карта на Република Македонија, ова место всушност е тумул од железно време: „Говедаров камен – археолошко наоѓалиште во светиниколското село Пеширово. Претставува тумул од железно време. На 3,5 километри североисточно од селото, на синорот помеѓу селата Ерџелија, Амзабегово и Пеширово се наоѓа тумул со кружна основа чија височина изнесува 2 метра“.
За Говедар камен пишувал долгогодишниот дописник на „Нова Македонија“ од Свети Николе, Ристо Гонев. Го пренесуваме неговиот текст во целост заедно со оригинален фототип од написот.
НОВА МАКЕДОНИЈА ● недела, 13 август 1978 год. ● стр. 5
ЗАНИМЛИВОСТИ ОД НАШИТЕ КРАИШТА
ГОВЕДАРОВИОТ КАМЕН
Свети Николе – Камен, обичен како и кој камен. Се наоѓа во полето меѓу Свети Николе, Ерцелија и Пеширово. Околу него нивје со жито и други земјоделски култури. Голем е како една соба 4 x 4 метри, висок околу 3 м. Велат дека некогаш пред многу векови, некој „натчовек“ го фрлил од Ѓуриште – 10 километри воздушна линија и тој паднал на местото каде што се наоѓа сега. Токму тогаш на тоа место имало добиток, а со нив и човек кој ги чувал – говедар. Паднал каменот врз човекот и врз добитокот и оттогаш го завикале Говедаров камен.
Неволјите се кај луѓето. Затоа, ете, се случува да се бара излез од неволји и од еден обичен камен. Секоја година, на 6 мај, овде доаѓаат луѓе од целата Република и од други места. Девојки, на кои им заминале годините за мажење; жени кои долго очекувале пород; други кои мажот им се оддал на алкохол или барал љубов на друго место и за што ли уште не. Доаѓаат тука на каменот, ќе го обиколат трипати, ќе откинат парче од него – ако не откинат, лекот нема да се фати; ќе скршат бардак од каменот – ако не се скрши, пак ништо, а се случува да не се скрши ако се удри полека и како жртва ќе приложат на каменот да се заколе јагне или кокошка, „морало“ крв да падне…
Месната заедница од Пеширово формира комисија од тројца членови кои јагнињата и кокошките ги продаваат на лицитација на местото. Некои од градот одат само за да купат евтино јагне што го оставиле луѓето во неволја. Такво јагне од десетина килограми се продава за 150 до 200 динари и со тие пари се решаваат комунални проблеми во селото. А годинава велат имало најмногу јагниња – околу 500, а имало и доста кокошки. Каменот потоа личи на кланица, сиот е во крв.
За тоа што треба да се откорни парче од каменот, се грижат луѓето од Пеширово. На неколку дена пред 6 мај, со тесли, чекани и секири удираат по каменот, онака мајсторски и создаваат пукнатини за да може потоа од него да се откине потребното парче. И така од година во година со автомобили, специјални автобуси од Скопје, Битола, Прилеп и други места доаѓаат луѓето кај овој обичен камен и сметаат дека неволјата ќе ја решат.
Во Свети Николе сè уште се раскажува за еден настан во врска со овој камен. Покрај патот Свети Николе – Куманово има еден голем камен и месноста се вика Црн камен. Еден земјоделец од Свети Николе си ја орал нивата во близина на каменот. Откај Куманово наишле две жени со магариња од кои едната млада, немала деца и едната постара жена. Прашале каде е Говедаров Камен и човекот што орал покажал на каменот во близина – на Црн камен. Откако го направиле адетот како што им кажувал човекот, го замолиле на врвот од каменот да го заколе јагнето што го донеле. Тие си заминале, а овој си го зел јагнето и потоа убаво си се нагостил.
Во Светиниколско има доста кладенчиња или чешми кои, како што му текнало некому, ги прогласил за вода, која „лекува“ од нешто. И тука доаѓаат луѓе, си ги замиваат очите, рацете, нозете и оставаат пари кои некој потоа си ги собира.
Р. ГОНЕВ
ТРИ ПРЕДАНИЈА ОД ПАТОПИС ОД ПРЕД ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
На некој султан во Цариград децата му се разболувале, кога царицата конечно родила здраво машко дете, од страв да не се разболи, го сменила со детето на една жена која ѝ помагала на дворецот – го дала своето дете на жената, а го зела нејзиниот син. Кога детето во царскиот двор пораснало, не сакало да учи, по цел ден седело голо удирајќи со рацете по стомакот како да тропа на тапан и ништо друго не правело. Султанот се чудел на однесувањето на детето, се посомневал дека тоа не е негов син и ја натерал жена му да признае дека го заменила детето. Откако царицата признала, султанот тргнал да си го бара вистинскиот син. Кога по долг пат стигнал на Овче Поле, видел многу деца како си играат додека ги чувале говедата, а едно дете им заповедало на сите останати. Му се допаднало тоа што го видел и успеал да ја најде жената која му признала дека ги заменила децата со царицата. Султанот тогаш си го зел синот, а на местото каде што го нашол оставил за спомен голем камен кој го нарекол Говедар баба, затоа што син му таму чувал говеда.
Според легенда која му била кажана на Тихомир Р. Ѓорѓевиќ од Турците во Штип во 1933 година
Во дворот на некој цар имало жена која родила дете во исто време со царицата. Жената станала доилка на царското дете и ги заменила бебињата. Детето растело во царскиот двор и се однесувало многу чудно, се тепало со другите деца и со два стапа постојано се бранело од кучињата. Растел и вистинскиот царски син, кој во некое село на Овче Поле пасел говеда. Царот решил да пушти пајтон (фијакер) од злато и ја пуштил златната кола низ царството да го бара оној кој точно би проценил колкава е вредноста на колата. Откако царските луѓе со колата го прошле целото царство и никој не умеел да ѝ ја процени вредноста, во последното село прашале има ли уште некој кој би можеле да го прашаат. Селаните го викнале говедарот кој пасел говеда на местото каде што денес е Говедар камен. Кога го прашале колку вреди царската златна кола, тој рекол дека вредела колку два дожда во април и еден во мај. Царските луѓе го однеле говедарот кај царот, кој познал дека тоа му бил вистинскиот син. Како спомен на пронаоѓањето на наследникот, царот го оставил Говедаровиот камен околу кој по негова заповед се скамениле и говедата, а тие камења се гледале и кога била запишана оваа легенда.
Според легенда која му била од народот во Свети Никола и овчеполските села кажана на Миленко С. Филиповиќ во 1936 година
Некој говедар си ги пасел говедата на Овче Поле, а некој овчар си ги пасел овците во Медово. Кога Господ тргнал по земјата преправен во старец, побарал вода од говедарот. Водата била во близина, но говедарот бил мрзлив за да стане и го одбил старецот. Тогаш Господ отишол кај овчарот и му побарал вода. Овчарот одговорил дека има вода и дека би му дал со задоволство, но дека не смее да ги остави овците, затоа што му бегале. Старецот му рекол дека тој ќе ги припази, па овчарот отишол по вода и бидејќи немал во што да наполни, донел во опинокот. Кога се вратил, имал што да види – старецот ја забил тојагата во земја, врз неа ставил капа и овците се собрале наоколу. Кај говедарот стадото се растурило, долетале многу муви кои ги набркале говедата. Господ го благословил овчарот и од тогаш овците не бегале, а го проколнал говедарот кој заедно со стадото говеда се скамениле, па така настанал денешниот Говедар камен. Според легенда која му била кажана на Миленко С. Филиповиќ од некој возрасен човек од Свети Никола во 1936 година. Трите легенди се објавени во текстот „Говедаров камен на Овчем Пољу“ во 1937 година како дел од патописот за Овчеполието
СВЕТИНИКОЛСКА ЛЕГЕНДА ЗА ГОВЕДАР КАМЕН ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Во Овчеполието, недалеку од Свети Николе, веднаш до атарите на селата Ерџелија и Пеширово, стрчи еден огромен камен од еруптивно потекло, познат под името Говедар камен. Во далечното минато во Овче Поле владеел цар којшто имал сè што душата би можела да посака, но немал свое дете. Сакал да има син кој ќе го наследи. По многу години, царицата забременила. Царот бил радосен, но исплашен, дали ќе му се роди наследник или ќерка. Дворјаните се погрижиле детето да биде машко, бидејќи царот им се заканувал со смрт доколку не му се роди наследник. Претпазливо зеле машко новороденче од номадите чергари, па кога царицата се породила тие веднаш го замениле детето со малото дете, а царското бебе го дале на чергарите. Царевото дете било машко, но дворјаните веќе не биле во можност да ги заменуваат децата. Двете дечиња растеле. Царевиот син, сега чергарче, ги пасел говедата и постојано се качувал на еден висок камен и зборувал: „Колку е убаво ова поле за да се води војна во него! Од оваа страна ќе ја водам пешадијата, а од оној рид ќе го изненадам непријателот со коњаницата, па така секако ќе победам!“ Донесениот наследник зборувал: „Да имам дрвца, колку убави вретена би можел да направам! Ех, што е убаво да се потковуваат и оседлуваат коњите…“ Постојано чукал со чекан, и било очигледно неговото несовпаѓање со царскиот двор. На царот не му се допаѓало однесувањето на детето, но немал каде – тоа бил неговиот наследник. По многу години еден од дворјаните, за да му се додвори на царот, му ја кажал вистината – дека вистинскиот принц е кај чергарите, а тој во дворот всушност е детето. Царот веднаш наредил да се спреми кочијата и тргнал по царството за да трага по вистинскиот си син. Откако го минал целото царство, изморен не очајувал бидејќи не го нашол сина си. Мудро, на сите 16-годишни момчиња им се поставило истото прашање: „Колку богатство сакаш да имаш?“ Повеќето одговориле дека сакаат полна кола златници, некои дури и ја побарале царската златна кочија. Пред да се прибере дома, царот го здогледал говедарчето качено на огромниот камен, му се доближил и го запрашал што гледа тоа: „Го разгледувам полето и се думам колку е убаво за водење војна“, одговорил вистинскиот царски син. Царот видел дека детето е на иста возраст како тоа во дворецот, па го запрашал: „Колку богатство би сакал да имаш?“ Без воопшто да размислува, говедарчето одговорило: „Не сакам големо богатство, само толкаво колку што изнесува еден дожд во април и два дожда во мај!“ Царот се вџашил од бистрината на детето, бидејќи во Овче Поле секоја капка дожд во тие месеци чинела и повеќе од еден златник. Веднаш сфатил дека тоа е неговиот син. Го зел со себе, го повел во царскиот двор и му ја кажал вистината за неговото потекло. Ден-денес во Овчеполието стрчи Говедар камен, а жените коишто не можат да родат одат таму на Ѓурѓовден, оставаат подароци и врзуваат црвено-бели конци за „лекот да се фати“.
Според усни преданија на повозрасни Овчеполци, запишани од Лазар Серафимов
Овој камен кој се наоѓа во Овче Поле послужил како инспирација и за насловот и голем и важен дел од книгата „Црното јагне и сивиот сокол“ на Ребека Вест, објавена во 1941 година. Таму, патописката иако воодушевена од македонските пејзажи и убавината на Овчеполието и другите региони на Македонија во коишто поминува, во голем дел од книгата покажува како тогашниот „западен свет“ ги гледал „старовремските“ ритуали во Македонија, а за тоа ќе можете да читате во следното продолжение од овој фељтон.
(продолжува)
м-р Никола Ристевски
































