Фото: МИА

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски порача дека евроинтегративниот процес треба да се темели на исполнување на копенхашките критериуми, но истовремено нагласи дека е неопходна и подготвеност на Европска Унија за внатрешни реформи со цел прием на нови членки, пренесе МИА.

На заедничката прес-конференција со белгискиот министер Максим Прево, Муцунски истакна дека Северна Македонија ја цени континуираната и принципиелна поддршка од Белгија на патот кон членство во ЕУ. Тој додаде дека разговорите опфатиле и важни геостратешки прашања во време на сериозни безбедносни предизвици во Европа.

Муцунски посочи дека двете земји во изминатите децении изградиле силно партнерство и најави натамошно продлабочување на соработката, особено во економијата, со цел зголемување на инвестициите и трговската размена. Воедно, ја поздрави и солидарноста на Белгија по трагедијата во Кочани.

Од своја страна, Прево порача дека Северна Македонија може да смета на Белгија како сигурен сојузник во евроинтегративниот процес. Тој нагласи дека билатералните прашања не треба да го попречуваат пристапувањето кон ЕУ и дека процесот треба да биде кредибилен и базиран на заслуги.

Сепак, Прево истакна дека напредокот бара исполнување на преземените обврски, вклучително реформите, владеењето на правото и уставните измени договорени во 2022 година. Воедно, тој потенцираше дека Европската Унија треба да даде јасни гаранции дека нема да има нови блокади по исполнувањето на условите.

Белгискиот министер ја оцени институционалната стабилност на земјата како позитивна основа за продолжување на реформите, особено во борбата против корупцијата и зајакнувањето на независноста на судството.

Прево истакна и дека блиските односи се дополнително зајакнати преку македонската дијаспора во Белгија, како и преку усогласеноста на земјата со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, оценувајќи ја како сигурен стратешки партнер.