Фото: Европол

Европол соопшти дека во координирана меѓународна операција се уапсени 12 лица осомничени за поврзаност со балкански криминален картел, меѓу кои и еден од главните водачи, приведен во Црна Гора.

Акцијата била спроведена во соработка со безбедносните служби на Германија, со поддршка и од властите на Австрија и Шпанија, а била насочена кон разбивање на значајна ќелија на организиран криминал.

Според информациите, осомничените имале различни улоги во мрежата – од финансирање до логистика и координација на активности поврзани со трговија со дрога на меѓународно ниво.

Истрагата опфатила шверц на околу 2,7 тони кокаин и 1,5 тони канабис во периодот од октомври 2024 до април 2026 година. Дрогата била запленета во 12 одделни операции спроведени во повеќе земји од Европа и Јужна Америка.

Според надлежните, криминалната мрежа користела различни методи за транспорт, вклучително поморски и воздушен шверц, како и прикривање на нелегалните супстанции во контејнери.

Дополнително, постојат сомнежи дека групата шверцувала канабис кон Европската Унија преку земји како Албанија, Тајланд и САД.