Фото: ЕПА
  • Светската федерација за водни спортови им дозволи на помладите спортисти од Русија и од Белорусија да се натпреваруваат под своите национални знамиња од декември, по препорака на самитот за спорт на ИОК, а сега Федерацијата ги ажурира правилата за сениорските спортисти

Спортистите од Русија и од Белорусија ќе можат да се натпреваруваат на сениорските натпреварувања на Светската федерација за водни спортови под знамињата на своите земји, откако Федерацијата ја укина забраната за нивно учество, пишува „Би-би-си“. Натпреварувачите од двете земји можеа да се натпреваруваат само како неутрални по воениот конфликт со Украина во 2022 година. Глобалното управно тело за пливање им дозволи на помладите спортисти од Русија и од Белорусија да се натпреваруваат под своите национални знамиња од декември, по препорака на самитот за спорт на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Самитот им препорача на спортските тела да размислат за повторно примање млади натпреварувачи, а сега Светската федерација за водни спортови ги ажурира правилата за сениорските спортисти.
– Во текот на претходните три години, Светската федерација за водни спортови и АКИУ (Единица за интегритет на водните спортови) успешно помогнаа да се осигури дека конфликтот може да се задржи надвор од спортските натпревари. Решени сме да обезбедиме базените и отворените води да останат места каде што спортистите од сите нации можат да се соберат во мирно натпреварување – изјави претседателот на Светската федерација за водни спортови, Хусеин ал Мусалам, пренесе „Би-би-си“.

Во соопштението со кое се објавува промената, Светската федерација за водни спортови пишува: „По одлуката на Светското биро за водни спортови, а во консултација со АКИУ и со Светскиот комитет на спортисти на водните спортови, упатствата за учество на спортистите во водни настани за време на период на политички конфликт повеќе нема да важат за сениори со белоруска или руска спортска националност, на кои ќе им биде дозволено да се натпреваруваат во светските водни настани на ист начин како и нивните колеги, кои претставуваат други спортски националности, со нивните соодветни униформи, знамиња и химни“, пренесе „Би-би-си“.
На спортистите од двете земји ќе им биде дозволено да се натпреваруваат откако успешно ќе поминат најмалку четири последователни антидопинг-контроли и ќе бидат направени проверки со АКИУ, а тестовите ќе бидат спроведени во партнерство со Меѓународната агенција за тестирање (ИТА), пишува „Би-би-си“. Потегот на Светската федерација за водни спортови следува по оној на Интернационалниот параолимписки комитет, кој ги прими руските и белоруските спортисти под нивното национално знаме на неодамнешните Зимски параолимписки игри во Италија. Г.И.