Регулаторна комисија за енергетика донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати, која стапува на сила од полноќ.
Според новата одлука, цената на дизел горивото се намалува за 2,5 денари по литар и ќе изнесува 95,5 денари. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинуваат за 1,5 денар, со што нивните нови цени ќе бидат 82 и 84 денари за литар.
Намалување има и кај другите горива – цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари и ќе изнесува 96,5 денари по литар, додека мазутот поевтинува за 2,084 денари за килограм и ќе се продава за 49,227 денари.
Со оваа одлука, вкупното намалување на цените на нафтените деривати изнесува во просек 2,73 проценти.
Од РКЕ информираат дека падот на цените е резултат на намалените референтни цени на светските пазари, каде што бензините бележат пад од околу 2,7 проценти, дизелот над 3,2 проценти, екстра лесното масло речиси 4 проценти, а мазутот над 4,4 проценти. Дополнително, влијание има и понискиот курс на денарот во однос на американскиот долар.
Од Комисијата потенцираат дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците имаат можност да ги продаваат горивата и по пониски цени.
Во пракса, на најголем дел од бензинските станици дизелот веќе се продава за околу три денари пониско од утврдената максимална цена, а бензините за околу два денари пониско.































