Фото: Пиксабеј

Стотици летови се откажани низ Германија поради штрајкот на пилотите на Луфтханса, предизвикан од несогласувања со раководството околу платите и пензиските услови, јавува „Ројтерс“.

Од почетокот на штрајкот, откажани се повеќе од 1.000 летови на аеродромот во Франкфурт, кој е главен оперативен центар на компанијата, додека во Минхен се погодени стотици дополнителни летови.

Штрајкот, организиран од синдикатот на пилоти, ги опфаќа и подружниците „Луфтханса карго“ и „Луфтханса Ситилајн“, при што вработените бараат зголемување на платите, подобрување на пензиската шема и корекција на надоместоците.

Во меѓувреме, се очекува пилотите на туристичката авиокомпанија „Еуровингс“ да се вратат на работа во текот на денот.

Дополнително, најавен е и нов штрајк на кабинскиот персонал, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз авиокомпанијата, која веќе се соочува со сериозни нарушувања во сообраќајот.

Од раководството на компанијата предупредуваат дека продолжените штрајкови сериозно ја ослабуваат работата и финансиската стабилност на авиокомпанијата.