Tајните на најдобрите просветни работници: Сузана Ќелешоска, одделенска наставничка од Лабуништа
Поднаслов: Драги наши читатели, во чест на просветните работници, во нашата нова рубрика ќе ви ги откриеме „тајните“ на дел од најдобрите наставници во Македонија. Во првиот циклус, сѐ до крајот на оваа учебна година, ќе ви претставиме десетмина наставници од различни места во нашата татковина, кои со својата посветеност, знаење, методи и инвентивни решенија го претвораат наставниот час во магија. Целта на рубриката е да ги афирмираме најуспешните и најинвентивни едукатори, кои со својата посветеност и креативност ја прават наставата поинтересна, подинамична и поблиска до учениците. Преку нивните примери сакаме да споделиме конкретни идеи и методи што може да се применат во секоја училница
Сузана Ќелешоска е истакната наставничка/менторка со повеќе од три децении професионална заложба во основното образование. Активно ги обликува вредностите на голем број генерации. Нејзиниот пат во образованието е обележан со постојана потрага по иновативни методи што го претвораат учењето во радост, а училницата во место каде што секојдневно се случуваат мали чуда. Како ментор на нови генерации колеги, таа ја гледа својата мисија во нераскинливиот триаголник меѓу наставникот, ученикот и родителот, верувајќи дека само со заедничка посветеност и меѓусебна поддршка се градат вистински луѓе.
– Иако веќе три децении сум во образованието, постојано ги следам чекорите на современата настава. Со љубов и леснотија го заменувам традиционалниот пристап со креативни, интерактивни и современи методи, за учењето да биде појасно, попривлечно и позабавно за секое дете – вели наставничката Ќелешоска.
За неа, вистинското учење започнува таму каде што завршуваат училишните ѕидови. Како голем застапник на искуственото учење, таа често ја преселува својата училница во срцето на природата, во локалните столарски работилници или кај вредните пчелари, верувајќи дека едно дете навистина учи само тогаш кога може да види, да допре и да почувствува. Преку овие патувања низ реалниот свет, таа ги поврзува лекциите со животот, каде што мирисот на дрвото, звукот на природата и вештината на занаетчиите стануваат најдобрите учебници. Овој пристап не само што буди природна љубопитност кај учениците туку гради длабока почит кон трудот, традицијата и еколошката свест.
Квалитетот на оваа методологија е најочигледен низ многубројните и престижни награди што редовно ги освојуваат нејзините ученици. Под нејзино менторство, тие се закитуваат со први места на низа ликовни и литературни конкурси, како и на значајни натпревари. Нејзината визија за модерно и поврзано образование дополнително се потврдува преку успешната реализација на меѓународни и е-твининг проекти, каде што со своите ученици ги поместува границите на традиционалното образование, поврзувајќи ги децата со врсници од целиот свет.
Посветеноста на Сузана Ќелешоска кон професијата е верификувана со голем број лични признанија и награди, меѓу кои се истакнуваат „Просветен работник на годината“ и „Најдобар наставник и лидер во регионот“, кои се потврда за нејзиниот континуиран придонес во унапредување на воспитно-образваната дејност. Како едукаторка што постојано се усовршува, таа е добитничка на повеќе награди за менторство на меѓународни и национални нивоа, со што се вбројува меѓу најистакнатите професионалци во својата фела.
Учење преку игра
Според Ќелешоска, наставата не мора да биде само пишување, читање и повторување.
– За мене, часот е мала сцена на која секој ученик треба да се почувствува важен, способен и заинтересиран. Затоа во мојата училница често владее атмосфера на љубопитност, смеа, изненадувања и „магични“ моменти, кои ја прават наставата попривлечна, појасна и позабавна -вели таа.
Еден од најуспешните пристапи што ги користи таа е учењето преку игра.
– Учениците многу полесно учат кога имаат чувство дека се дел од предизвик, мисија или натпревар. Затоа често користам квизови, игри со карти, „погодете го зборот“, игри за поврзување поими, брзи тимски задачи и активности со награди во форма на пофалби, значки или симболични поени – појаснува Ќелешоска.
За да им помогнe на учениците да запомнат нови поими, правила или процеси, таа користи мали трикови како: рими и кратки стихови, асоцијации со секојдневни ситуации, смешни реченици за правопис, визуелни знаци и симболи, кратки приказни поврзани со содржината.
Ваквите методи, според неа, им помагаат на учениците да учат без напор, а знаењето да им биде трајно.
– Кога наставната содржина е претставена како приказна, учениците полесно се внесуваат и се поврзуваат со темата. Часовите често ги започнувам со вовед во форма на мала мистерија, интересен настан или прашање што буди љубопитност. Потоа, учениците ја „откриваат“ содржината чекор по чекор, како да се главни ликови во приказна – споделува наставничката Сузана.
Учител за пет минути
– Еден од моите омилени пристапи е кога учениците добиваат улога на „учител за пет минути“. Тогаш тие ја објаснуваат содржината на свој начин, а другите ученици ја слушаат со многу поголемо внимание, бидејќи им е интересно кога објаснува нивното другарче. Ваквиот пристап ги развива самодовербата, говорните вештини и критичкото размислување – смета таа.
Таа во училницата често користи постери, мапи на ум, табели, шеми, цртежи, симболички прикази, интерактивни презентации. Визуелните елементи ја прават наставата појасна, а учениците полесно ги поврзуваат информациите.
– Современото образование бара современи пристапи. Затоа, во наставата користам дигитални ресурси и активности со кои учениците учат на начин што им е близок. Преку интерактивни задачи, дигитални квизови и креативни онлајн алатки, тие не само што учат туку истовремено развиваат дигитални вештини и одговорно користење на технологијата – објаснува Ќелешоска.
Понекогаш најмногу се памети моментот кога ученикот ќе се изненади. Затоа таа често користи „тајна кутија“ со задача, пораки од „иднината“, мистериозни ковертчиња со мисии, мини-експерименти, необични прашања и ситуации.
Тие мали моменти создаваат радост и мотивација, а часот останува запаметен.
– Најважното што го применувам е топла поддржувачка атмосфера. Кога ученикот се чувствува прифатен, слушнат и охрабрен, тогаш учењето се случува природно. Грешките ги третирам како дел од процесот, а секој напредок – како победа – вели наставничката Сузана Ќелешоска.
За неа, наставата е многу повеќе од пренесување знаење. Таа е уметност, магија и мисија. Со примена на креативни трикови, необични методи и современи пристапи, Ќелешоска создава средина во која учениците учат со насмевка, разбираат полесно и со радост доаѓаат на час.
– Кога ученикот ќе каже: „Учителке, ова беше најинтересниот, најубавиот час!“, тогаш знам дека магијата успеала – завршува Ќелешоска.
Ф.Д.

































