
Сеќавања на новинарот Иван Глигоровски за средбите со плодниот македонски автор за деца и млади Видое Подгорец
- Името на писателот Видое Подгорец за мене беше инспирација за остварување на желбата да навлезам во светот на литературата – било да се тоа песни, раскази или романи, уште во време кога тој беше уредник во детските списанија при НИП „Нова Македонија“ – „Другарче“ и „Наш свет“. Во тие далечни времиња и јас, како и други стотици ученици од Македонија, повремено соработував со овие списанија, објавувајќи понекоја лична творба, вели Глигоровски
На денешен ден (14 април) во 1997 година физички нѐ напушти најплодниот и еден од најзначајните македонски автори за деца и млади, писателот Видое Подгорец. Тој е роден на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино, кое се наоѓа во подножјето на историската и многу убава планина Беласица.
По тој повод, новинарот и писател Иван Глигоровски, кој е роден во селото Зубово, во близината на Колешино и бил добар пријател и соработник на Подгорец, сподели со нас интересни случки и спомени.
– Името на писателот Видое Подгорец за мене беше инспирација за остварување на желбата да навлезам во светот на литературата – било да се тоа песни, раскази или романи, уште во време кога тој беше уредник во детските списанија при НИП „Нова Македонија“ – „Другарче“ и „Наш свет“. Во тие далечни времиња и јас, како и други стотици ученици од Македонија, повремено соработував со овие списанија, објавувајќи понекоја лична творба – раскажува Глигоровски.
Тој, како новинар во Македонската радио-телевизија, во 1985 година добил задача да направи телевизиска репортажа за планината Беласица. Имајќи го предвид сознанието што десетина и повеќе дела на Видое Подгорец изобилуваат со мотиви и случки што се одвивале во пазувите на оваа убава планина, го поканил на помош токму почитуваниот Подгорец.
Остварена долго посакувана соработка
– Писателот со задоволство ја прифати поканата и заедно во јуни 1985 година се обидовме да ги прикажеме преку ТВ-екранот најубавите детали од природните и блескави води на водопадите. Најпрво камерата на снимателот Трајче Ефтимовски го забележа Смоларскиот Водопад, а потоа Подгорец, на негово големо задоволство, нѐ упати кон Колешинските Водопади и на крајот дојдовме до најмалиот, но не и помалку атрактивен – Габровски Водопад – се сеќава Глигоровски.
Со свои искази за убавините, но и за мотивите што ги добил за пишување на голем дел негови дела, меѓу кои „Белото циганче“, „Горско кладенче“, „Шумскиот разбојник“, „Ајдучка чешма“, „Рајна војвода“ и многу други, писателот Видое Подгорец настапи во споменатата ТВ-емисија.
– Без сомнение, тој знаеше како дише планината, чувствуваше кога дува ветрецот, кога се појавува саканото топло сонце и што ги привлекува децата во тие сказни, раскази и слично. И токму во тие предели се опишуваат дејствата и авантурите на многубројните личности и јунаци во неговите многубројни литературни дела – потсетува Иван Глигоровски.
Заокружувајќи го овој приказ за разоткривање на водопадите на Беласица, во чие промовирање свој придонес даде и писателот Видое Подгорец, Глигоровски истакнува дека тоа е првото прикажување на изворите на планината Беласица пред широката јавност.
Две ТВ-емисии посветени на делото на Видое Подгорец
Запознавајќи го делото на многу македонски поети и писатели, а за потребите на Училишната програма на Телевизија Скопје, денес Македонска телевизија, новинарот Иван Глигоровски ја реализирал и емисијата „Книготворец“. Целта била децата, учениците и младинците, како и возрасните, подобро и подетално да се запознаат со ликот и делата на нашите познати писатели. Главниот мотив бил да ги прикажат нивните дела што служат како лектира во наставниот процес на учениците од основните училишта. Така, во текот на неколку години од втората половина на минатиот век (период од 1987 до 2003 година), по сценарио и под уредничката палка на Глигоровски, се снимале емисиите посветени за писателите: Видое Подгорец, Оливера Николова, Бошко Смаќоски, Стојан Тарапуза, Ристо Давчевски, Киро Донев и Велко Неделковски.
– Емисијата посветена на Видое Подгорец се снимаше во едно петто одделение во основното училиште „Иван Горан Ковачиќ“, денес „Петар Поп Арсов“ во Скопје. Таа беше посветена на обработката како час посветен на лектирата „Белото циганче“. Авторот на оваа популарно дело преведувано на многу светски јазици ги запозна љубопитните ученици со поводот и начинот на пишување на оваа значајно дело, додека артистот Мите Грозданов читаше одломки од споменатото дело. Интересот кај учениците беше многу голем – тие поставуваа многу прашања, а некои среќници добија од Подгорец по една книга од романот „Белото циганче“ со негов личен потпис – се навраќа Глигоровски.
Неколку години подоцна е направена и ТВ-серијата „Белото циганче“ во неколку епизоди снимани под Беласица, кај селата Колешино и Зубово.
По физичкото заминување од овој свет (на само 63-годишна возраст) на нашиот Видое Подгорец, Глигоровски како новинар во Македонската телевизија реализирал уште една телевизиска емисија во спомен на писателот.
– Емисијата ја водеше неговиот ученик во областа на литература за деца писателот и поет Киро Донев. А со свои искази и оцени за ликот и делото на Видое Подгорец учествуваа писателите Киро Донев, Горјан Петревски, Александар Поповски, познатиот режисер на МТВ, Ацо Алексов, професор д-р Иван Глигоров од Педагошкиот факултет во Штип (роден во селото Мокрино, Струмичко), како и членови од неговото семејство – сопругата Софија и ќерката Снежана. Одломки од неговите дела, снимени на автентични места каде што ги создавал своите дела – Колешино, Мокринските Извори, Беласица и на други места, читаа артистите Мите Грозданов и Душица Стојановска – потсетува Глигоровски.
Делото на писателот Видое Подгорец не е заборавено. Тоа е почитувано и присутно, се разбира, најмногу кај младата генерација. Во негова чест две основни училишта го носат неговото име – основните училишта во родното Колешино и во градот Струмица. Неговото обемно литературно дело е предмет на научни собири („Средби под јаворите“) што се организираат за време на неговиот роденден на 8 јуни речиси секоја година.
Иван Глигоровски за крај порачува дека делото на Видое Подгорец треба да биде постојано препрочитувано, истражувано и негувано со оглед на неговиот обем и квалитет.
Ф.Д.
Ливада од соништата
Си тргнал ли некогаш
кон Ливадата од соништата,
да видиш како Илјада цветови
нежно треперат на ветриштата.
Си се вивнал ли и ти
со Летот на белата гулабица
си слушнал ли како во Дивиот рај
милозвучно пее Шарената птица.
Дали некогаш твојата коса
се закитила со Мониста од роса?
Си видел ли како
Истрчува белиот коњ
на Горското кладенче вода да пие
а таму горе, Над тополите
Царската птица,
Топло гнездо ќе свие.
Си потрчал ли босоног по тревата
Сто сонца, душата да ти ја згреат
си седнал ли потем под
Јаворот-Дрвото на спомените
да запееш и ти, канаринките
како што пеат.
Барај ја таа Ливада од соништата
таа е Куќа за целиот свет
Гулабот на мирот над неа
раширил крилја во лет.
Без таа Ливада од соништата
Изгубеното царство ќе
го бараш довек
денес мораш да си среќно дете
за утре да бидеш Среќен човек.
Автор: Филип Димкоски
Забелешка: Подвлечените делови во песната претставуваат или алудираат на наслови од делата на Видое Подгорец. Од вкупно 117 дела колку што создал Подгорец, во песната се опфатени 19 наслови. 2-3 јуни 2025, Струмица
Литературна манифестација „Средби под јаворите-Видое Подгорец“






























