Фото: Продукција КАТ

Од 16 до 19 април во Загреб

В четврток, во Културно-информативниот центар во Загреб ќе започне со реализација мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на продукцијата КАТ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.
Програмата ќе опфати драмска работилница под водство на актерката и режисерка Снежана Коневски-Руси, работилница за илустрации на книги за деца со дизајнерката Елена Максимовска и работилница за креативно пишување со писателката и комуниколог м-р Татјана Гогоска, која е и авторка на проектот.
– Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите што не се во Македонија туку живеат во други држави е многу значаен културен елемент – вели Гогоска.
Во рамките на проектот ќе бидат опфатени четириесетина ученици што учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб, „Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставничката Деспина Белчовска Велинска.
Манифестацијата ќе биде заокружена со промоција на книгата „Магичниот круг на детството“ на Татјана Гогоска, во чие претставувањеучесници во трите работилници. Тие ќе изведат перформанс како резултат од стекнатото знаење. Сите настани ќе ги модерира актерката Снежана Коневски-Руси.
Директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, која е и советничка за култура при Амбасадата на Македонија во Хрватска, посочува дека „Магичниот круг на детството“ е проект посветен на македонскиот јазик, убавината на детството, креативноста и уметничкото изразување.
– Овој магичен проект обединува различни форми на уметност, создавајќи простор каде што детската имагинација, игра и творештво се претвораат во единствено мултимедијално доживување. Токму еден од приоритетите на македонскиот КИЦ во Загреб е афирмација и зачувување на македонскиот јазик кај најмладите, како темел на нашиот културен идентитет и како жив носител на културната меморија, преку кој се пренесуваат вредностите, традицијата и чувството на припадност – истакна Ѓоргоска-Илиевска.

Ф.Д.