Фото: ЈОУ библиотека „Искра“-Кочани

„Фестивалот на децата, литературата и музиката“ по 15. пат се одржа во Кочани

По повод Меѓународниот ден на книгите за деца и млади, кој се прославува на 2 април, библиотеката „Искра“ од Кочани и годинава традиционално, со богата програмска содржина, го реализираше „Фестивалот на децата, книгите и читањето“, кој се одржа на 2 и 3 април.
По поздравните говори на претставничката на Општина Кочани, Аника Илијевска Горгиева, директорката на библиотеката, Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, и координаторката на програмата, Магдалена Кочовска Салтирова, првиот дел од фестивалската програма започна со читање на Меѓународната порака за книжевноста за деца, од страна на членови на библиотеката, проследена со музички композиции и изведба на хоровите од основните училишта „Никола Карев“ и „Св. Кирил и Методиј“.
Во рамките на програмата, во присуство на авторот Ермис Лафазановски, беше промовирана книгата за деца „Џинџуџе“, која е прв носител на наградата „Оливера Николова“, а промоторка беше проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска.
Потоа следуваше едукативната работилница на темата „Богатото културно наследство на нашата земја – Кочански Регион“, на советник-кустоската Илинка Атанасова од Археолошкиот музеј на Македонија. Во завршниот дел на првиот ден од програмата беше реализирана промоцијата на книгите за деца од авторката Оливија Георгиевска, a модераторка беше Ивана Николова. Членови од библиотеката, пак, се претставија со рециталот „Стихови за книгата“.
– Ученици од основните училишта, размислувајќи на темата „Мојот омилен лик од лектира“, сликајќи го изразија својот ликовен талент, а нивниот творечки процес беше претставен пред нашите најмлади читатели, децата од детската градинка „Павлина Велјанова“ – информираше програмската координаторка, советник-библиотекарката Магдалена Кочовска Салтирова.
Следниот ден, фестивалската програма продолжи со изложбата на ликовни творби, која беше посетена од лицата со телесна и интелектуална попреченост при Дневниот центар на Центарот за социјална работа во Кочани.
Во просториите на Мултикултурниот центар се реализираше промоцијата на книгата за деца „Илина и тајните на Бабин заб“ од авторката Хана Корнети. Промовираната книга е носител на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ за 2025 година. Во улога на промотор учествуваше авторката Симона Јованоска, а книжевната средба беше збогатена со музички настап на учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“.
На темата „Читам и истражувам, така ја развивам својата личност“, средношколците дебатираа во рамките на средношколскиот парламент во библиотеката, а претходно беа поздравени со пораката од делото „Писмо до внуката“ на македонскиот драмски автор Горан Стефановски, прочитана од ученици членови на библиотеката. Со своите стручни излагања, професорите Кирил Барбареев, Јованка Денкова и Ана Витанова Рингачева ја нагласија значајноста од присуството на книгата и вклученоста во истражувачки содржини врз личниот развој на младиот човек.
Преку работилниците за афоризам „Весели книжевни ноти за деца“ и учеството на авторите Ацо Ѓорѓиев, Ристо Филчевски, Јане Атанасов, Ленче Стоименова и Славица Цветкова, водени од библиотекарите Верица Паунова Дамеска и Благој Рашков, младите читатели можеа да се запознаат и со литературата што му припаѓа на овој литературен жанр.
На книжевно-еколошката работилница „Со литература до екоавантура“ со авторот Филип Димкоски, преку интерактивна форма на работа беа испратени екопораки до најмладите учесници. Фестивалската програма беше затворена со книжевната работилница на темата „Преку сказните на Андерсен учиме емпатија, пријателство и почит“. Низ волшебниот свет на сказните, учениците беа водени од проф. д-р Ана Витанова-Рингачева и Ивана Николова, при што осознаа како сказните можат да нѐ насочат кон подобро разбирање на себеси и на другите.
На 15. јубилејно одбележување на Меѓународниот ден на литературата за деца, учествуваа над 500 деца и млади, преку соработката со сите основни и средни училишта во Кочани, музичкото училиште, детската градинка и ЈУМ ЦСР-Кочани. Фестивалската програмата веќе девет години е проект од национален интерес на Министерството за култура и туризам на Македонија, а се реализира и со поддршка на Општина Кочани и на општествено одговорни компании.

Ф.Д.