Вие ни пишувате
Здраво,
Моето име е Филип Андов. Имам девет години и сум ученик во 3-1 одделение во ООУ „Никола Карев“ во Кочани. Моја наставничка е Емилија Миладинова.
Буквите ги научив на четири години и набргу потоа научив да читам. Најпрвин почнав со читање на шарените сликовници, каде што ги читав насловите и големите кирилични букви.
Многу се радував кога во градинка ќе ги добиевме списанијата „Росица“ и „Супер Смешка“. Многу интересна ми беше и средбата со додатокот за деца „Колибри“, што ме поттикна и да ви го напишам ова мое писмо.
Иако сакав да научам да читам течно и брзо, многу се радував и ми беше интересно да ја слушам мама како ми раскажува. Тоа што таа ќе ми го раскажеше, јас веднаш го прераскажував.
Со тргнувањето во прво одделение и со влегувањето во светот на образованието, моето читање се подобри, а со тоа и мојата желба да читам се зголеми. Освен лектирите, нашата училишна библиотека нуди голем избор на разни книги интересни за секоја возраст. Јас редовно сум нејзин посетител и често талкам низ лавиринтите на тоа што ми го откриваат прочитаните дела.
Од книгите што од најрана возраст, па досега ги имам прочитано, би ги издвоил: „Повик на дивината“, „Таро од Земјата на планините“, „Марвин и смрдликовците“, „Белиот песјак“, разни детски енциклопедии, „Патување во центарот на Земјата“, „Најубавите митови“, „Одолхолол и Лупе мангупе“, едицијата „Хари Потер“, „Страшните Египќани“ и многу други. Се случува дури да прочитам книги за средношколци.
Секоја од овие книги ни отвора нови светови, ни раскажува разни занимливи приказни, читајќи учиме интересни податоци и си го збогатуваме нашиот речник.
Јас со сигурност ќе продолжам да читам, а им порачувам и на моите другарчиња и на сите деца да бидат активни членови на училишните и на градските библиотеки, зашто книгата е нашиот најверен пријател што ни открива непознати нешта или ни ги проширува знаењата за она што веќе го знаеме.
Ги поздравувам сите другарчиња читатели на „Колибри“ и до читање!
Ваш Филип Андов
































