фотографија: Бигорски манастир

Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим и годинава се појави Благодатниот оган, еден од најзначајните настани во православието што традиционално се случува на Велика сабота, во пресрет на Велигден.

Огнот се појави во кувуклијата – параклисот над Светиот гроб, каде што според христијанското предание е погребан Исус Христос, по молитвата на ерусалимскиот патријарх Теофил Трети.

Оваа година церемонијата се одвиваше во специфични услови, откако храмот беше привремено затворен за верници поради безбедносни мерки воведени во контекст на конфликтот со Иран. Вратите повторно беа отворени на Велики четврток, по постигнатото примирје.

Чинот на слегувањето на Благодатниот оган е проследен со строги обреди. Кувуклијата претходно се запечатува како потврда дека внатре нема извори на оган, а пред влегувањето на патријархот печатот се отстранува и се внесуваат свеќи. Потоа следува молитва, по што, според верувањето, огнот чудесно се појавува.

По појавата, патријархот го предава огнот на верниците, кои го пренесуваат понатаму. Иако традиционално илјадници поклоници присуствуваат на овој настан, годинава неговото ширење кон другите земји е отежнато поради ограничувањата во авионскиот сообраќај и зголемените безбедносни мерки.

Благодатниот оган, според преданијата, се појавува повеќе од два милениума и претставува симбол на Христовото воскресение и духовната светлина во православната вера.