Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

  • Во Премиер-лигата само седум бода го делат петтопласираниот од тимот на 13. место. УЕФА им доделува по едно дополнително место во ЛШ на двете домашни првенства со најдобри вкупни перформанси на клубовите во трите европски купа во текот на сезоната. Во игра за второто дополнително место се Шпанија, Германија, Португалија, Италија…

Англиската Премиер-лига ќе има најмалку пет тима во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во следната сезона, вторпат по ред. Дополнителното место беше потврдено во вторникот, откако Арсенал го победи Спортинг со 1-0 во првиот меч од четврт-финалето на ЛШ, пишува „Би-би-си“. Европската фудбалска унија (УЕФА) им доделува по едно дополнително место во ЛШ на двете домашни првенства со најдобри вкупни перформанси на клубовите од тие земји во трите европски клупски натпреварувања во текот на сезоната.

Премиер-лигата беше далеку во водство на табелата на УЕФА во поголемиот дел од сезоната, при што сите девет клуба што ја почнаа сезоната стигнаа до осминафиналињата. Иако пет клуба се пласираа во четврт-финалињата, коефициентните поени освоени во текот на лигашката рунда ја ставија Англија во многу силна позиција. Петтото место во Премиер-лигата сезонава сега носи играње во Лигата на шампионите. На табелата на УЕФА Шпанија е втора, а потоа се Германија, Португалија, Италија… Минатата сезона за настап во ЛШ за сезонава местата ги освоија Англија (Њукасл) и Шпанија (Вилјареал), а во првата сезона на ЛШ со ова правило на УЕФА, 2024/2025, дополнителни места имаа Германија (Борусија Д.) и Италија (Болоња).

Трката за петтото место во Премиер-лигата, на кое сега е Ливерпул со 49 бода, е исклучително тесна, откако само седум бода го делат тимот на Арне Слот од тимот на 13. место, Борнмут, пишува „Би-би-си“. Челси (48 бода) е шести, а потоа се Брентфорд (46), Евертон (46), Фулам (44), Брајтон (43), Сандерленд (43), Њукасл (42) и Борнмут (42). Ако Астон вила, која е четврта со 54 бода, ја освои Лига Европа и биде надвор од првите четири тима во Англија, Премиер-лигата би имала шест екипи во Лигата на шампионите. Истото тоа важи и за Ливерпул, кој синоќа играше со Пари сен Жермен во првиот натпревар од четврт-финалето на Лигата на шампионите. Доколку некој од нив освои европски трофеј и биде петти, тогаш шестиот ќе се пласира во Лигата на шампионите преку пласманот на табелата на УЕФА, а ако двата тима освојат европски трофеи и бидат петти и шести, тоа ќе одведе седмиот тим од Англија во Лигата на шампионите, пишува „Би-би-си“.

Слична трка за петтото место во домашно првенство би имало и во Шпанија и во Германија, на пример. Во Ла лига петти е Бетис со 45 бода, а потоа се Селта со 44, Сосиедад и Гетафе со по 41, Осасуна, Еспањол и Атлетик Билбао со по 38… На првите четири места по 30 кола се Барселона со 76 бода, Реал Мадрид со 69, Вилјареал со 58 и Атлетико Мадрид со 57. Во Бундеслигата, пак, води Баерн со 73 бода, пред Борусија Дортмунд со 64, а потоа се Лајпциг и Штутгарт со по 53, Хофенхајм со 50, Баер со 49… Н.М.