Излегував од кино, кога слушнав реченица: „Филмов беше срање“. Филмот навистина беше лош, филмска катастрофа, ама никој не рече „катастрофа“: младите луѓе се навикнати да го користат зборот „срање“ за секоја ситуација што не е пријатна. Ако имаат проблем со законот, се степале па дошла полиција, велат „настанаа срања“ (множина). Слушајќи ги како го градираат вредносниот естетички суд (каква интересна ситуација – да говориш за естетика преку „најодвратниот“ екскремент), повторувајќи „Тешко, тешко срање“, се сетив дека на покојниот писател и лектор, еден од најодговорните „чувари“ на македонскиот јазик – Ташко Ширилов, косата му се креваше кога ќе го слушнеше овој збор во македонскиот говор или кога ќе го прочиташе во книгите од писателското семејство на Буковски. Таму го има често, како да е „добро утро“, „добар ден“. Го има и во драмите на помладите драматичари, кои колоквијалот го користат природно и оправдано – ако дејството се одвива во затвор, не е нормално ликовите-затвореници, како „дно на општеството“, кога ќе бидат фатени од стражарите во бегство, да кажат „каков измет!“ На англиски тоа е исто така натурализирано, како и „добро утро“: shit! Во германскиот е одомаќено како Scheiẞe (шајзе). Така што, врти-сучи, без него не се може. Значи нешто неповолно, проклето, нерешливо, лошо, нешто што конкурира животот, барем во драматичните моменти, да биде опишан со него. Со збор за кој нема превод на македонски.
Ширилов тврдеше дека е тоа србизам, кој некритички е „префрлен“ од кај Табановце кај нас (и беше во право), па предлагаше да се користат нашите „лајно“ или „гомненици“, а јас му велев дека нема шанси тие решенија да бидат прифатени. Уште Сосир велеше дека говорната заедница решава што ќе биде прифатено во секојдневниот говор, а што не, без разлика на „убавината“ на решението. На пример, се сеќавам дека нашиот ненадминлив Драги Михајловски „уфрли“ еден прекрасен „наш“ збор за сонет – „камбанарка“, со оглед на тоа дека „сонет“ доаѓа од италијанското suono (звук) и suonare – „ѕвони“: се чувствува дека „суоно“ од италијанскиот поминало во словенските јазици во „ѕвоно“, па сонет значи ѕвонлива песна, песна-ѕвоно. Камбанарка е многу убав збор, ама никој од критичарите не го усвои.
Зошто сето ова? Затоа што повеќемина пријатели ми забележаа дека укажувам само на РАЗЛИКИТЕ, а не и на сличностите меѓу стариот изумрен и новиот прекрасен свет, меѓу светот на мојата и светот на младите генерации. Така сум се претворал (велат) во еден вид дефектолог, кој го брани старото, а го каменува новото. Не е баш така: и јас го живеам новото. Но во право се: ниедна компарација не е валидна ако не укаже на сличностите. Разликите ги гледаат сите, сличностите се гледаат потешко. Затоа, во оваа колумна тврдам: ако нешто остана исто и во вчерашниот изумрен и во сегашниот прекрасен нов свет, ако нешто преживеа – тоа е овој збор. „Срање“. И не само зборот туку и нештата што се означуваат со него. Еден вид константа на световите, без разлика кој владее со нив.
Ние го користевме, денес се користи, а како што стојат работите, ќе се користи и утре. Тоа е затоа што екскрементот за кој станува збор има и политички конотации, конотации на моќ. Јулија Кристева напиша цела психо-семиотичка книга, „Моќите на ужасот“ (посветена на абјектот и зазорот): за неа абјект е нешто што не е ни субјект, ни објект, туку стои на границата на телото. Тоа е нешто кон кое имаме зазор, а што се исфрла (екскремент, како изметот, урината, менструалната крв, гнојот, потта). Нема да ја објаснувам книгата, високо е стручна. Само ќе кажам дека кај Кристева мајчинскиот авторитет е чувар на чистотијата на телото, а репресивноста на машкиот авторитет е на чекор до политичката одредба на изметот. Таа вели: „Изметот и неговите еквиваленти (гнилежот, заразата, болеста, лешот) претставуваат опасност што доаѓа од просторот НАДВОР ОД ИДЕНТИТЕТОТ: јас што е загрозено од не-јас, општество што загрозува сè што е надвор од него…“ Пренесено на теренот на идеологијата, екскрементите се „штетни идеи“ и групации од кои општеството треба да се заштити, да ги исфрли.
Дека тоа нешто означено со зборот срање воопшто не се сведува само на фекалија, туку многу повеќе на ПОЛИТИЧКИ ЕКСКРЕМЕНТ, покажува и фактот што и во вчерашниот изумрен свет, предизвикало внимание не само на филозофите како Јулија Кристева, туку и на поетите. Еден од најголемите поети на дваесеттиот век, генијалниот Ханс Магнус Енценсбергер (добитник и на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата), човекот што полемизираше со Жан Бодријар околу „штетноста“ на медиумите (Енценсбергер веруваше дека тие ќе им послужат на напредните сили за изградба на еден подобар свет), му има посветено ОДА на овој феномен. Еве ја таа песна:
СРАЊЕ
Постојано слушам дека за него се говори
како за сè да е виновно.
Но погледнете само колку нежно и скромно
зазема место меѓу нас.
Зошто му го валкаме неговото убаво име
и им го позајмуваме
на претседателот на Америка
на полицијата, на војната
и на капитализмот?
Колку е тоа само минливо
а колку е трајно
она што го именуваме со него.
Тоа, попустливо,
што го носиме на јазик
а притоа мислиме на робовладетелите.
Она, што сме го истиснале,
зар треба да ни го истисне
и нашиот бес?
Па зар не нè олесни?
Со мека природа
и зачудувачки ненасилно
од сите човекови дела
тоа е веројатно најмирољубиво.
Та што воопшто ни згреши?
Целосно е јасно дека она што Кристева го тврди како филозоф, Енценсбергер го кажува како поет, и тоа со речиси прозен дискурс. Песната е земена од еден избор песни пишувани во периодот од 1950 до 2015 година (ја препеав од српски), но како да е напишана денес и за денес. Значи, да станеме во одбрана на овој неправедно изгнасен збор. Не заслужува да биде употребен за такви ужасни нешта како што се автократските режими или политичките прогони. Тоа е минливо, се распаѓа на прв дожд. А ропството (макар се викало и демократија) – не. Цврсто е и неразградливо.
Оваа песна е мој одговор на оној суд слушнат на излезот од киното: една уметност, филм (макар бил и лош) беше претворен во фекалија. Се потрудив, со цитирање песна во колумна, да покажам дека е можно спротивното: од фекалија да се направи уметност. Тоа му успеало на маестро Енценсбергер. Им го препорачувам на младите за читање, наместо гледање лоши филмови.






























