Манифест за револуција во македонската наука: 10 заповеди за историски пресврт
Пишува: Проф. д-р Михаил Гаревски, директот на ИСОГКП
Охрабрувачки и важно за македонската јавност беше неодамнешното обраќање на претседателот на Владата Христијан Мицкоски, во кое тој јавно и без двоумење зазеде став дека Македонија не смее да бега од повисоки критериуми во високото образование, особено во состојба кога државата нема ниту еден универзитет меѓу првите 2.500 на светските рангирања. Во време кога многумина одбираат удобни формулации, релативизации и страв од јасен став, ваквиот настап заслужува почит. Тоа е редок пример на политичар кој отворено кажува дека проблемот не е во строгите критериуми, туку во ниските резултати.
Особено е важно што премиерот ја отвори дебатата на суштинско, а не на површно ниво. Тој не говореше за образованието како дневнополитичка парола, туку ја допре најболната точка на системот: долготрајниот пад на академскиот квалитет, отсуството на меѓународна конкурентност и навиката просечноста да се брани како реалност што мора да се прифати. Во таа смисла, неговата порака не е само политички став, туку и сигнал дека конечно некој е подготвен да ги именува проблемите со вистинското име.
Со право Мицкоски постави едно непријатно, но неизбежно прашање: како може постојано да се тврди дека критериумите се високи, а истовремено да се молчи за фактот дека резултатите на нашите универзитети се драматично слаби? Со право укажа и на апсурдот државата да финансира академски позиции, да обезбедува солидни плати и да нуди надомест за објавување трудови, а потоа дел од академската јавност да реагира како и тоа да е неподнослив товар. Таквата аргументација не е напад врз универзитетот, туку обид да се разбуди од долгогодишното спиење.
Јас лично целосно се согласувам со основната насока на оваа порака. Не само што критериумите не смеат да се намалуваат, туку тие во некои сегменти мора да станат уште појасни, построги и пообјективни. Но токму затоа сметам дека ова е вистински момент дебатата да се подигне на уште повисоко ниво: не само да се поддржи потребата од квалитет, туку и да се покаже зошто македонската наука пропаѓа, кои се вистинските системски причини и какви реформи се неопходни ако навистина сакаме историски пресврт.
Науката не познава државни и приватни научници. Таа познава само резултати – и нивно отсуство.
Македонската наука не умира од недостаток на талент. Таа умира од нешто многу полошо: од систем што ја наградува инерцијата, а го казнува учинокот. Умира од магливи законски формулации, од ниски критериуми претставени како правилни, од привилегии што со години се бранат како стекнато право и од тивка, организирана рамнодушност кон иднината.
Повеќе од четири децении сум во науката и инженерството. Во тој период имав ретка привилегија да работам, да учам и да се дружам со луѓе кои навистина ја создавале светската дисциплина на земјотресното инженерство. Нивните имиња не се од локално значење; тие се имиња што стојат во учебници, на цитатни листи и во историјата на модерното инженерство. Но она што најмногу ме обврзува кога мислам на нив не е само нивниот интелектуален капацитет. Тоа е нивната етика. Тие не живееја од науката; тие живееја за науката.
Кога работев на докторските студии во Бристол, брзо сфатив дека таму не постои простор за терминолошки магли. Никој не прашуваше дали си објавил во некаков „референтен часопис“. Прашањата беа јасни и без компромис: во кој квартал е списанието, колкав ти е h-index-от, колку пати си цитиран и кој навистина те чита. И не зборувам за ова теоретски: во текот на мојот докторат објавив три труда во Q1 списанија, најпознати во светот во мојата област. Тоа беше правичен пристап во кој квалитетот се вреднуваше според јасни и мерливи критериуми. Во систем каде мерилото е јасно, секој знае на кое ниво е.
Кај нас, пак, токму нејасноста стана метод на владеење со системот. Во повеќе закони со години се повторува истата формулација – референтен часопис – доволно широка за секој да се протне, доволно маглива за никој да не сноси одговорност, и доволно удобно за медиократијата да продолжи да се одржува. Тоа не е случајна слабост на јазикот. Тоа е намерно оставена дупка низ која просечноста се претвора во право.
Оваа година Македонија повторно стои пред момент на избор, затоа што се подготвуваат нови закони за високото образование, научноистражувачката дејност и квалитетот во образованието. Ако сега повторно се изберат козметички решенија, тогаш треба чесно да кажеме дека сме се откажале од амбицијата да изградиме држава заснована врз знаење и наука. Но ако постои политичка храброст, а се гледа дека постои, тогаш токму сега може да се постави темел за историски пресврт.
ДЕСЕТ ЗАПОВЕДИ ЗА ПРЕСВРТ
1. Квалитет пред квантитет: наместо бројки, вистински истражувачи
Законот не смее механички да бара институт да има на пример пет доктори на науки само за да постои. Науката не е пописна статистика. Подобро е еден мал, елитен и продуктивен тим од двајца или тројца врвни истражувачи, отколку петмина кои постојат само на список, а не и во светската литература. Во сериозните системи не се брои колку столчиња се пополнети, туку колку идеи, трудови, цитати и проекти произведува тимот. Закон што бара број без да бара извонредност го стимулира само фиктивното вработување. Доволно е да се направи едно едноставно споредување: на Градежниот факултет при Универзитетот во Бристол(е на 1 местов во ВБ) а има само осум редовни професори, додека на Градежниот факултет при УКИМ има 27; а Бристол денес е 51-ви универзитет во светот според QS, односно во самиот светски врв, додека позицијата на УКИМ се знае.
2. Парите да го следат резултатот, не правниот статус
Државните грантови за наука не смеат да бидат резервирани клубски ваучери за јавните универзитети. Ако истражувач од приватен институт, мала лабораторија или специјализиран центар има подобар проект, повисока цитираност и појасен методолошки модел, тој треба да ја добие поддршката. Науката не признава државен и приватен научник. Таа признава само силен резултат или слаб резултат. Секое друго правило е политичка привилегија, а не научна политика.
3. Отворени лаборатории: крај на научниот феудализам
Опремата купена со буџетски пари не смее да биде приватен двор на катедра, институт или поединец. Секој апарат над определен праг на вредност мора да влезе во национален дигитален регистар со јасни правила за пристап, термин, цена на користење, а сретствата за користење да се уплаќаат во буџетот на државата за купување на нова опрема. Ако истражувачки тим со одобрен проект не може да добие пристап до апаратура платена од државата, тогаш не треба да се казнува истражувачот, туку институцијата што ја присвоила јавната опрема како личен феуд.
4. Дигитална контрола и јасни критериуми: Q1/Q2 наместо „референтни”
Македонија мора да воспостави систем што автоматски ќе ги поврзува профилите на истражувачите, организациите, проектите и библиографиите со меѓународните бази. Словенија одамна покажа дека тоа е можно преку јавен и структуриран модел како SICRIS/COBISS, каде библиографиите и дел од индикаторите се јавно видливи и систематизирани. Нашиот МАК-РИС мора да оди во таа насока: автоматско повлекување на податоци од Scopus и Web of Science, јавни профили, стандардизирани биографии и строги законски формулации од типот „Q1″ и „Q2″, наместо зборови што не значат ништо.
5. Лимит на тезгарење до 30% за јавниот сектор
Професорот од јавните институции има сигурна плата од буџетот. Недозволиво е неговиот доминантен фокус да биде комерцијална работа на пазарот, при што често им прави нелојална конкуренција токму на инженерите и младите кадри во чие стручно оформување самиот учествувал. Во делови од американскиот систем, а тоа лично го знам и од примерот на Универзитетот во Беркли, Калифорнија каде што сум престојувал една академска година, професорската плата е деветмесечна, врзана за академска работа. Платата за дополнителните три месеци не паѓа од небо, и не е стекнато право, туку најчесто се обезбедува преку научни проекти, грантови и истражувачки договори, за кои мора да се конкурира и да се покаже научен капацитет.Професорите од Беркли што ги познавав одбиваа приватни ангажмани за да можат да се посветат максимално на истражувањата. Во Обединетото Кралство надворешните ангажмани на универзитетските професори се предмет на строги институционални ограничувања и јасни правила. Оксфорд е добар пример дека сериозен универзитетски систем не дозволува надворешните ангажмани да станат паралелна и неконтролирана кариера. Таму надворешната работа без одбиток од плата е ограничена на 30 дена годишно; над тоа следува посебно одобрение и одбиток од плата. Поентата е јасна: јавната плата не смее да биде основа за нелојална предност на приватниот пазар. Затоа во законот требе да се воведе дополнителниот приходот од консултантски услуги на универзитетски професор нетребе да надминува 30% од неговата вкупна годишна плата.
6. Забрана за приватен бизнис во работно време
Ако јавна институција плаќа професор за настава, менторство и истражување, тогаш работното време не смее да се користи во приватна проектантска, ревидентска или консултантска дејност. Ова мора да се дефинира прецизно, со обврска за евиденција, санкции и можност за вонреден надзор. Буџетското време е време за студентите и за науката. Точка.
7. Елитен државен истражувачки универзитет: калифорниски модел
Најсмелата, но и најлогична мерка е државата да формира еден национален истражувачки универзитет од посебен јавен интерес, во кој ќе го собере најквалитетниот кадар од сите државни и приватни институции: луѓе со силни Q1/Q2 публикации, висок h-index, висока цитираност и реален меѓународен углед. Таков универзитет не треба да биде уште една бирократска зграда, туку концентратор на извонредност со високи плати, агресивна меѓународна регрутација и јасни годишни таргети. Еден од најдобрите примери за вакво размислување е калифорнискиот модел на јавно високо образование, изграден како поширок државен систем со јасно разграничени мисии меѓу University of California, California State University и community colleges. Амбицијата на таков модел е државата да создаде и врвни јавни истражувачки универзитети способни да се натпреваруваат со најреномираните приватни институции, како Stanford. Шангајската листа не се достигнува со декларации, туку со резултати. Таа се темели на објективни индикатори како високо цитирани истражувачи, врвни публикации и пер-капита перформанс. Токму затоа концентриран модел е единствениот воопшто реален пат за брз скок. Јас лично верувам дека, ако државата навистина собере критична маса од најдобрите и ги ослободи од инерцијата на сегашниот систем, драматичен напредок може да се види многу побрзо отколку што денес изгледа замисливо. Со ваквиот кадровски состав и со голем дел од постојниот професорски кадар кој со години не произведува доволно меѓународно видлив научен учинок, УКИМ тешко дека и за повеќе од десет години би можел посериозно да се доближи дури и до 2.000-то место; напротив, со формирање на нов, концентриран државен истражувачки универзитет, составен од навистина најдобрите и најпродуктивните истражувачи, Македонија многу побрзо би можела да отвори реална шанса во рок од една до две години да се пробие под 1000-те универзитети во светот. Притоа, државата не би морала да создава скап нов систем од нула, туку само попаметно да ги прераспредели постојните плати, кадар и простор во служба на вистинска академска извонредност.
8. Место во законот и за македонските научници од дијаспората
Во законот мора да се предвиди и јасен механизам за привлекување на нашите научници од странство, кои денес, парадоксално, често полесно напредуваат на врвни универзитети во светот отколку што можат да се вратат и да бидат вклучени во македонскиот систем. Поради крути, формалистички и често застарени законски барања, особено во делот на нострификација на диплома, еквиваленција на звања, признавање на академски позиции и административни процедури, државата сама си ја затвора вратата пред кадар што веќе докажал меѓународен квалитет. Наместо такви луѓе да ги охрабрува да се вратат, системот ги оттурнува. Тоа е не само кадровска, туку и национална штета.
8. Професионални докторанти, а не вечни асистенти
Ова е, според мене, најважната реформа. Македонија има премалку вистински докторанти. Огромен дел од докторските кандидати се факултетски асистенти кои мора да докторираат заради напредување, а во меѓувреме тезгарат со менторите и ги влечкаат тезите шест или седум години. Друг дел се луѓе вработени на полно работно време во други институции, кои докторатот ако го работат го работат навечер и за време на викенд. Резултатот е предвидлив: слаб докторски труд, мала или никаква публикабилност и изгубена млада генерација. Законот мора да создаде нов статус – докторант-истражувач – со полно работно време, договор или стипендија за 36 до 48 месеци, јасни годишни цели, солидна плата и забрана да се користи како евтина административна или комерцијална работна сила.
9. Меритократско пензионирање на 60 години
Најконтроверзната мерка е, всушност, најправедната. Сегашната рамка овозможува продолжување на работниот однос на избран наставно-научен кадар до крајот на академската година во која ќе наполни 67 години. Немам ништо против искусни професори да работат дури и подолго – ако даваат резултати. Но продолжувањето не смее да биде автоматско право. На 60 години мора да постои јасен пресек: публикации во Q1/Q2, цитираност, активни проекти, менторства што раѓаат вистински научен производ. Кој има резултати, нека продолжи. Кој нема, нека отвори простор за младите. Тоа не е казна; тоа е природен ред. Без ваков механизам, ние со државни пари ги плаќаме и високите плати и затворените врати за новата генерација.
ШТО ТОЧНО ТРЕБА ДА НАПРАВИ МИНИСТЕРСТВОТО
Министерството денес има избор. Може повторно да купува социјален мир преку нејасни критериуми, општи фрази и одложени судири. Или може да ја каже вистината: науката не е социјална категорија, туку систем на мерлив квалитет. Трет пат нема.
Оние што со години живеат удобно во овој систем ќе кажат дека предлозите се премногу радикални, премногу груби, премногу „неприфатливи” за нашите услови.За жал тоа го изјави и лидерот на СДСМ Филипче. Но токму тој речник не доведе до оваа точка. Се што е сериозно и мерливо кај нас прво се прогласува за “нереално”, а потоа се брани просечноста како „мудар компромис”. Не, ова не е мудрост. Ова е капитулација.
Јас поминав низ Бристол, Berkeley, Stanford, NTU-Сингапур, HKUST-Хонг Конг и други силни системи. Видов како изгледа средина во која мерилото е јасно, а просторот за најдобрите намерно се отвора. Ние, напротив, станавме систем што ги троши младите за да ги брани удобностите на старите.
Македонската наука денес е на апарати за одржување. Но сè уште е жива. Имаме знаење, имаме талентирани млади, имаме луѓе со меѓународен капацитет и имаме уште малку време. Прашањето не е дали е можно. Прашањето е дали имаме храброст да признаеме дека само радикална меритократија може да нè спаси.
Или ќе го ослободиме просторот за оние што навистина имаат што да дадат, или ќе продолжиме да ја финансираме сопствената научна маргинализација.


































