Фото: МИА

Мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан бележат напредок, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг, нагласувајќи дека разговорите се одвиваат со посредништво на Кина.

Според неа, претставниците на двете земји покажале подготвеност повторно да седнат на преговарачка маса, по извештаите дека се одржуваат состаноци со цел да се стави крај на, како што се оценува, најтешките судири од враќањето на талибанците на власт во 2021 година.

-И Пакистан и Авганистан придаваат важност и го поздравуваат посредништвото на Кина и се подготвени повторно да седнат на преговарачка маса, што е позитивен развој – рече Мао Нинг на прес-конференција.

Таа не откри детали за локацијата на разговорите, иако претходно беше најавено дека тие би можеле да се одржат во Урумчи, град во северозападна Кина.

Кина, која граничи со двете земји, во изминатиот период се обидува да посредува меѓу поранешните сојузници, чии односи значително се влошија во последните години. Во март, Пекинг организираше телефонски разговори меѓу шефовите на дипломатиите на двете држави и испрати специјален претставник во регионот.

Од кинеското Министерство посочуваат дека се во постојана комуникација со двете страни со цел да се создадат услови за напредок во преговорите и да се обезбеди платформа за дијалог, најавувајќи дека дополнителни информации ќе бидат објавени во наредниот период.

Судирите меѓу Пакистан и Авганистан, кои започнаа во октомври, одзедоа бројни животи од двете страни на границата, при што најпогодени се цивилите во Авганистан.

Властите во Исламабад ги обвинуваат авганистанските талибанци дека им даваат засолниште на милитанти кои вршат напади на пакистанска територија, додека Кабул ги отфрла овие обвинувања и тврди дека станува збор за внатрешен безбедносен проблем на Пакистан.