Фото: Фејсбук на МВР

Министерството за внатрешни работи информира дека мобилна единица санкционирала правен субјект, одговорно лице и возач на автобус во кој биле утврдени сериозни неправилности, меѓу кои и неисправни сопирачки, при вршење јавен превоз на патници.

Како што соопшти Министерство за внатрешни работи, денеска (03.04.2026 година) во 07.45 часот, на булеварот „Борис Трајковски“ во Скопје, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи извршиле контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, кој вршел организиран превоз на деца.

При контролата било утврдено дека во автобусот се превезувале 85 патници, иако според сообраќајната дозвола максимално дозволени се 48. Со тоа, возачот Ј.Д. (63) од Скопје превезувал 37 деца повеќе од дозволеното.

Дополнително, врз возилото бил извршен вонреден технички преглед во овластена станица, при што стручни лица констатирале техничка неисправност, односно проблеми со уредите за сопирање (работна и помошна кочница), како и неисправности кај системите за видливост, вклучително и скршено ветробранско стакло.

Против правниот субјект, одговорното лице и возачот се преземени соодветни законски мерки и тие ќе се соочат со санкции, додека автобусот е исклучен од сообраќај сè до отстранување на сите утврдени недостатоци.

Од Министерство за внатрешни работи апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.