Со хит-претставите „Куршуми над Бродвеј“ и „Болва в уво“, Драмскиот театар учествува на петтиот Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес. Театарскиот фестивал се одржува до 8 април во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, под покровителство на Општина Велес и Министерството за култура и туризам.
Претставата „Куршуми над Бродвеј“ е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт. Режијата и драматизацијата се на Ненад Витанов, сценографијата на Валентин Светозарев. Костимите се на Елена Вангеловска. Улогите ги играат актерите на ансамблот на Драмскиот театар: Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ… Претставата „Болва в уво“ на режисерот Синиша Евтимов беше премиерно изведена на 17 декември минатата година. Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа: Мартин Манев, сценограф, и Раде Василев, костимограф. Улогите ги играат: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер…
На театарскиот фестивал „5РЕ“ и оваа година освен театри од Македонија, учествуваат и Црногорското народно позориште од Подгорица (Црна Гора) и театарот „Бора Станковиќ“ од Врање (Србија). Во чест на доајенот на македонската театарска уметност чие име го носи фестивалот е востановена наградата за животно дело „Петре Прличко“, која годинава му припадна на Атила Клинче, актер во пензија од НУ Турски театар-Скопје.
































