Бесплатни македонски филмови во „Синеплекс“
Агенцијата за филм промовираше значаен проект за доближување на домашната кинематографија до публиката, под мотото „Македонски филм. На големо платно“. Проектот се реализира во соработка со „Синеплекс“ и предвидува бесплатни кинопроекции на македонски филмови секој понеделник, со што македонскиот филм повторно се враќа таму каде што припаѓа – на големото платно.
Секој понеделник, во 18 часот, љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски филмови во професионални киноуслови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети. Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6 април), кој оваа година одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20 април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27 април).
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, посочи дека со овој проект, целта е македонскиот филм да се доближи до публиката и да му се даде поголема видливост.
– Сакаме македонскиот филм да не се гледа само на фестивали, туку да биде достапен за сите и да стане дел од секојдневието на публиката. Со оваа соработка го враќаме филмот таму каде што најмногу му прилега – на големото платно. Ова е само почеток на активностите по повод 20 години од формирањето на агенцијата, преку кои сакаме уште повеќе да ги развиваме филмската култура и интересот за домашниот филм – изјави Мицевски.
Регионалниот оперативен менаџер на „Синеплекс“, Ненад Станковиќ, посочи дека „Синеплекс“ дава целосна поддршка за иницијативата, со цел да се врати публиката во киносалите и да се зголеми интересот за домашниот филм. Тој нагласи дека кампањата ќе биде поддржана преку сите комуникациски канали на „Синеплекс“, како и дека, доколку има зголемен интерес, ќе се отворат повеќе сали истовремено, упатувајќи покана до публиката секој понеделник да биде дел од ова кинодоживување.
Во рамките на проектот ќе бидат прикажани филмови од сите категории, а проекциите постепено ќе се прошират и во домовите за култура низ државата. Дополнително, ќе се организираат мастерклас-предавања со меѓународни професионалци, како и поддршка за кинодистрибуција на нови македонски филмови со субвенционирани билети.
Паралелно, Агенцијата за филм и Бирото за развој на образованието потпишаа меморандум за соработка за воведување на филмот како едукативна алатка во наставниот процес.
































