Американските бази низ Европа стануваат предмет на сојузнички несогласувањa/ Фото: ЕПА

Кус осврт на актуелната улога на американските воени бази во Европа помеѓу сојузничката логистика, политиката, правото и отпорот за нивно користење

  • Поделената Европа во врска со војната со Иран и несогласувањата со Вашингтон се гледа многу добро и по индикаторот наречен „воени бази“. Познато е дека воените бази се организиран простор (копнен, воздушен или поморски) каде што се сместуваат воени единици, опрема и ресурси и од каде што се планираат, се подготвуваат и се спроведуваат воени операции. Но токму тие сега претставуваат еден значаен индикатор на несогласувања, па дури и отпор кон САД за нивно користење, на што претседателот на САД жестоко реагираше. Во продолжение следува еден кус новинарски осврт за воените американски бази во Европа и за тоа кои бази се оперативни, кои служат за поддршка, а кои се политички блокирани…

Со повеќе од 30 поголеми и стотици помали воени инсталации, САД располагаат со широка мрежа бази низ Европа – од Германија и Италија до Романија и Белгија. Овие бази традиционално имаат три улоги, односно за проекција на сила (ударни операции), потоа логистика и транспорт, како и фактот дека некои од нив имаат ракетна и нуклеарна инфраструктура. Но, во контекст на војната со Иран, тие се најдоа во нова политичка реалност. Всушност сведоци сме дека не сите европски сојузници се подготвени да дозволат нивно користење по првата основа на постоењето на базите, а тоа се офанзивните операции.

Американски воени бази во Европа за директни напади

Во Европа, само дел од базите имаат капацитет и политичка дозвола за директни напади. На пример, Велика Британија како држава всушност е во Европа, клучен оперативен центар. Имено, британските бази, како „РАФ Ферфорд“ и „Диего Гарсиа“ (надвор од ЕУ, но дел од европската безбедносна архитектура), беа ставени на располагање за американски напади врз Иран. Овие бази овозможуваат распоредување стратешки бомбардери, напади на далечина, вклучително и контрола на поморски линии (на пр. Ормускиот Мореуз). Но токму нивната употреба ги направи тие бази „легитимна цел за ирански одмазднички напади“.

Американски воени бази во Европа за логистика и транспорт: Германија, Италија, Бенелукс

Најголемиот дел од американската инфраструктура во ЕУ не е за директни напади, туку за поддршка.
Имено, во ЕУ всушност Германија е центарот на логистиката за вооружените сили на САД. Бази како „Рамштајн“ (и историски воздухопловната база „Рајн-Мајн“) служат како транспортни јазли, медицинска евакуација и координација на воздушни операции. И покрај политичките дебати, Германија дозволува нивно функционирање во рамките на логистичката поддршка.
Второ, Италија како домаќин на логистички воени бази има двојна улога, но со ограничувања. Базите како „Авиано“ и „Сигонела“ тежишно се наменети за складирање, воздушно снабдување, но и за електронско разузнавање. Но за издвојување е дека Италија не дозволи нивно користење за директни напади врз Иран, повикувајќи се на парламентарните процедури и меѓународното право.
Трето, што се однесува до земјите на ЕУ како Белгија и Холандија, тука е спецификата што во базите на САД има нуклеарна инфраструктура. Имено, базите како воздухопловната база „Клајне Брохол“ се дел од нуклеарното споделување на НАТО, но не се користат за тековни операции и повеќе имаат улога на одвраќање, а не за напад.
Четврто, во земјите на Источна Европа, Америка развила систем на позиционирање чиј наратив во западните медиуми се објаснува како „бази за одбрана, а не офанзива“, односно дека во земји како Романија, американските бази биле „строго дефинирани како дефанзивни“. Но за издвојување е информацијата на безбедносно-специјализираните медиуми каде што Романија е дефинирана како земја што всушност е „ракетен штит“, а воената база „Девеселу“ е дел од системот „Егис Ашор“ и е во функција на противракетна одбрана и засега има ограничена употреба во конфликтот со Иран. Во истите специјализирани медиуми е пронајдена констатацијата дека „ова ја покажува поделбата и кај САД и во НАТО, дека т.н. источен фронт е фокусиран на Русија, не на Блискиот Исток“.

Блокирани бази и политички отпор за САД во ЕУ

Најсилниот сигнал за европска автономија доаѓа од земји што активно ја блокираат употребата на базите. Најтврд став демонстрираше Шпанија со забрана за користење на базите „Рота“ и „Морон“, како и со затворање на воздушниот простор за американски операции. Натаму, Италија презеде институционална блокада и на тој начин процедурално беше одбиено користењето на базата „Сигонела“ за транспорт на оружје. За споменување е и дека Франција со свои политички изјави покажа индиректен отпор за активна поддршка на САД и подигна забрана за прелети на операции поврзани со нападите во Иран.

Европа веќе не претставува „апсолутна платформа за потребите на САД“

Конфликтот со Иран откри три клучни тренда.
Прво, забележлив е процесот на фрагментација на НАТО, при што не постои единствен став барем за најактуелното прашање, војната со Иран. Имено, распонот на политичките ставови и конкретни потези на европските земји се движи од целосна поддршка на САД (Велика Британија) до отворено противење (Шпанија). Интересна е појавата што веќе сè почесто се користат како аргументи правните ограничувања и од внатрешното и од меѓународното право, како одговор што ги блокира противправните настапи на САД и кои немаат политичка и правна согласност од меѓународните институции и на прво место ООН. Не може, а да не се спомене растечкиот тренд на идејата за т.н. стратегиска автономија на ЕУ, при што европските држави сè повеќе ја условуваат употребата на американските бази одбивајќи автоматска поддршка за американски војни.
Во врска со ова, еден наш соговорник, поранешно воено лице и највисок чин во воената хиерархија во Р Македонија, сега пензионер, вели дека американските бази во Европа повеќе не се едноставен инструмент на Вашингтон.
– Од воен аспект, одамна е забележливо дека воените бази на САД во ЕУ се ограничено оперативни. Иако сѐ уште се логистички клучни, особено базите во Германија и Италија, тие сè повеќе се политички условени за употреба, а препознатлив е веќе и јавен растечки отпор од земји како Шпанија и Франција. Така, за Вашингтон, во евентуална ескалација со Иран, САД сè повеќе ќе зависат од Блискиот Исток, од поморските сили, како и од селектираните европски сојузници. Брисел испрати јасна порака, која сметам дека е и во голем дел и реакција на анимозитетот на Трамп кон ЕУ-членките и неговите потези во повеќе области, од економијата, трговијата, буџетските издвојувања за НАТО итн., а пораката на Брисел сега во случајот „Иран“ е дека и не секоја американска војна е и европска – вели нашиот соговорник.

Р.С.