Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар во мисија да го спаси Брдо-Бриони процесот / Фото: ЕПА

Регионалната соработка во заложништво на хрватско-српската вербална војна

  • Претседателот на Хрватска, Милановиќ, го откажа состанокот (форумот) во понеделникот, појаснувајќи во писмена порака дека последните изјави на претседателот на Србија, Вучиќ, се „во целосна спротивност со целите на процесот Брдо-Бриони“! Милановиќ истакна дека тие ги влошуваат меѓудржавните односи и ги загрозуваат мирот и стабилноста во Југоисточна Европа, поради што доаѓањето на Вучиќ во Хрватска не е можно. Од друга страна, и претседателот на Србија воопшто не е среќен со создавањето на воениот пакт помеѓу Хрватска, Албанија и Косово….

Откако хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го откажа годинашниот самит на иницијативата Брдо-Бриони поради изјавите и постапките на српскиот претседател Александар Вучиќ, од кабинетот на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар порачаа дека не можат да се мешаат во одлуката. Пирц Мусар, која заедно со Милановиќ копретседава со иницијативата, потврди дека се водат разговори за одржување на самитот на алтернативна локација.

Одлуката на претседателот на Хрватска да го откаже форумот Брдо-Бриони
и реакцијата на претседателот на Србија

Претседателот на Хрватска, Милановиќ, го откажа состанокот (форумот) во понеделникот, појаснувајќи во писмена порака дека последните изјави на претседателот на Србија, Вучиќ, се „во целосна спротивност со целите на процесот Брдо-Бриони“! Милановиќ истакна дека тие ги влошуваат меѓудржавните односи и ги загрозуваат мирот и стабилноста во Југоисточна Европа, поради што доаѓањето на Вучиќ во Хрватска не е можно.
Од друга страна, и одговорот на Вучиќ на тоа не беше на највисоко дипломатско ниво.
– Што се однесува до моето доаѓање на Бриони, во целост го поддржувам Зоран Милановиќ, сосема е во право, не ми е место таму – рече тој.
Вучиќ додаде и дека „со поголемо задоволство би отишол во Јасеновац да положи цвеќе“.
– Нека ги повика слободно своите пријатели од Приштина, Тирана и од каде и да сака, сигурно нема да им ја расипам таа идилична атмосфера – додаде Вучиќ, имплицирајќи на воениот пакт што се создаде и почнува да функционира помеѓу Хрватска, Албанија и Косово.

Хронологија на заострувањето на односите

Размената на остри изјави меѓу Загреб и Белград трае веќе долго, а предничи српскиот претседател, кој речиси секогаш добива одговор од Загреб. Вучиќ, така, ја обвини Хрватска за мешање во внатрешните работи и поддржување на студентските протести во Србија, за време на чиј врв од земјата беа протерани повеќе хрватски државјани, а на новинари од Хрватска им беше забранет влезот.
Откако Хрватска, Албанија и Косово во март минатата година потпишаа договор за воена соработка, Вучиќ повеќепати го нарече тоа „воен сојуз“ насочен против Србија. Пред две недели тој изјави на РТС дека Србија се подготвува за напад од потписничките на договорот, кои наводно само чекаат погоден момент. Иако тврдеше дека Србија има доволно сила да се одбрани, тој рече дека чувствува нелагодност и страв и покрај повторените уверувања од Хрватска дека договорот не е насочен против Србија.
Тензиите пораснаа и поради српската набавка на кинески хиперсонични балистички ракети ЦМ-400, по што претседателот Милановиќ јавно го предупреди Вучиќ да внимава што зборува.
Вербалниот судир продолжи и кон крајот на март. Откако минатата сабота на српскиот историчар Милош Ковиќ му беше забранет влез во Хрватска бидејќи наводно претставува закана за националната безбедност, Вучиќ одлуката ја нарече „дивеење“.
– Кој и да има памет и кој и да сака нешто да каже за „Бура“, Јасеновац, Јадовно, Пребиловци и српското страдање, не може да влезе во Хрватска – порача тој.
Ден по неделните локални избори во Србија, тој го коментираше наводното присуство на автомобили со хрватски регистарски таблички во една од општините.
– Ми беше јасно колкава била логистиката на една соседна земја – рече тој, додавајќи дека секојдневно добива извештаи за дејствување на странски разузнавачи.
На обвинувањата на Вучиќ реагираше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој тврдењата за создавање воен сојуз и мешање во внатрешните работи на Србија ги отфрли како „два лажни концепта“.
– Нема секој ден да повторувам што мислам за тоа – додаде Пленковиќ.

Последните вести се дека форумот Брдо-Бриони сепак ќе се одржи на алтернативна локација?

Од Кабинетот на претседателката на Словенија соопштија дека од кабинетот на Милановиќ коректно и навреме ги известиле за својата намера.
– Станува збор за внатрешнополитичка одлука на хрватскиот претседател, во која не можеме да се мешаме и не ја коментираме – се наведува во соопштението.
Тие додадоа дека советниците за надворешна политика на двата кабинета се во редовен контакт и дека постои намера самитот на процесот Брдо-Бриони оваа година сепак да се одржи, но на друга локација. С.Т.


Надолен тренд на конструктивен регионален дијалог на Балканот

Генералниот став на аналитичарите од регионот е дека доколку самитот Брдо-Бриони навистина се одржи на алтернативна локација, без дијалог меѓу главните протагонисти, тој ќе биде само „формалност без суштина“. Повеќето аналитичари за надворешна политика (како оние од хрватскиот Институт за развој и меѓународни односи) сметаат дека Брдо-Бриони ја изгуби својата првична мисија.
– Иницијативата што требаше да биде „чекалница“ за ЕУ стана арена за лични пресметки. Кога домаќинот му ја затвора вратата на еден од главните актери, тоа не е само билатерален проблем туку и порака до Брисел дека регионот не е зрел за заедничка маса – истакнуваат аналитичарите.
Аналитичарите од Белград (особено оние што се поврзани со Форумот за стратешки студии) посочуваат дека одлуката да не се одржи форумот е повеќе „политички маркетинг за домашна употреба“.
– За Милановиќ, цврстиот став кон Вучиќ е начин да го зацврсти својот суверенистички имиџ во Хрватска. Од друга страна, и на Вучиќ ролјата на „жртва“ што не е пожелна во Загреб во ситуацијата му носи поени кај неговото гласачко тело. Проблемот е што цената на тие поени ја плаќа регионалната соработка, која сега е на историски најниско ниво – истакнуваат тие.
Политиколозите од Љубљана ја нагласуваат деликатната позиција на словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.
– Словенија сега е во улога на балансер, кој се обидува да ја спаси иницијативата од целосно гаснење. Префрлањето на алтернативна локација (можеби во Словенија или Црна Гора) е обид да се зачува форматот, но прашањето е дали самитот без Хрватска како домаќин ќе ја има истата тежина – наведуваат тие.
За издвојување е фактот на воените аналитичари, кои особено ги издвојуваат загриженоста на лидерите на Србија и Хрватска и реториката на ескалација во врска со „воените сојузи“, а особено на пактот меѓу Хрватска, Албанија и Косово.
– Ова веќе не е само вербална војна на претседателите. Кога почнуваат да се споменуваат хиперсонични ракети и воени заговори, тоа создава психоза на страв кај граѓаните. Самитот Брдо-Бриони требаше да биде вентил за овие тензии, а неговата најава за откажување само го затвора тој вентил -велат воените аналитичари. С.Т.


Што е процесот Брдо-Бриони?

Процесот Брдо-Бриони го создадоа Словенија и Хрватска во 2010 година за да се зајакне меѓусебната соработка и да се забрзаат европските интеграции на земјите од Југоисточна Европа. Со иницијативата копретседаваат претседателите на Хрватска и на Словенија, а нејзини членки, покрај овие две земји и Србија, се уште и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово. Состаноците се одржуваат секоја година, а на годинашниот домаќин требаше да биде Хрватска, на Бриони. С.Т.