Проблемот со ограничениот престој од 90 дена во 180 дена за македонските превозници во Шенген зоната е сериозен, а институциите веќе работат на трајно решение, истакна вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
-Досега системот беше книжeн и во пракса постоеја одредени толеранции. Со електронска евиденција тоа веќе нема да биде возможно. Добро е што превозниците реагираа, бидејќи нивната реакција придонесе Европската комисија предвреме да ја презентира новата визна стратегија – рече Николоски, во гостување на „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Тој појасни дека во новата европска визна политика веќе е вметнато она што Македонија го побарала, а тоа е професионалните возачи, без разлика дали управуваат камиони или автобуси, да добијат посебен статус.
Николоски информираше дека Хрватска веќе има закон во собраниска процедура, Романија подготвила законски драфт, а по разговорите во Унгарија, се очекува решение и таму по изборите. Преостанати за усогласување се Австрија и Германија, како најважни транзитни и крајни дестинации за македонските превозници.
Во однос на Велика Британија, која е надвор од Шенген, вицепремиерот објасни дека таму се применува постоечката пракса на доделување работни визи. Паралелно, се работи и со Бугарија и Грција на модели за непречен дневен транзит на професионални возачи во пограничните региони.
Додаде дека поради потребното време за усогласување на сите постапки, договорено е воведувањето на новиот електронски систем за евиденција да се одложи за македонските граѓани до 30 септември 2026, а дотогаш ќе важи досегашната книжна евиденција.
Во однос на преполовените европски квоти за извоз на челик, Николоски рече дека тоа е едно од најголемите економски предизвици со кои се соочува домашната металуршка индустрија,
Тој објасни дека квотите што Европската Унија ги применува за земјите што не се нејзини членки потпаѓаат под таканаречени „квоти за трети земји“, во чија рамка се наоѓа и Северна Македонија. Бидејќи во истиот систем е вклучена и Кина, голем дел од количините се алоцираат токму таму, што го ограничува извозот од регионот.
Информираше дека паралелно со тоа, од јануари 2027 година треба да започне пресметувањето на јаглеродната компонента во увезените производи во рамките на СИБАМ јаглеродната такса, која ќе санкционира продукција извршена со т.н. „нечиста енергија“, доколку земјата извозник нема воспоставено сопствен систем за евиденција и наплата на јаглеродни емисии.
Министерот посочи дека ниедна земја од регионот сè уште нема воспоставено таков механизам, делумно поради доцнењето на Европската Унија со финализирањето на правилата, кои се очекува да бидат објавени до септември годинава.
Во однос на квотите, Николоски потврди дека се водат интензивни разговори преку Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и македонската Мисија во Брисел, пренесе МИА.
-Решение мора да се најде во рамки на тоа да земјите од Западен Балкан, или ако не можеме да влеземе како група, тогаш, Македонија да биде исклучени од политиките за трети земји, а тоа е единственото логично решение, рече министерот, укажувајќи дека регионот веќе е силно интегриран во европските економски текови, со договори за слободна трговија и статус на придружни членки и кандидати – рече тој.
Тој предупреди дека доколку не се најде решение, земјите од регионот би можеле да бидат принудени да разгледуваат реципрочни мерки, што не би било во интерес никому, како што рече имајќи во предвид дека странски инвеститори во Македонија произведуваат полупроизводи за европските пазари.































