Војната на САД со Иран ја истурка европската индустрија до работ
- Европската индустрија, која сè уште закрепнува од пандемијата, која сѐ уште е под притисок од енергетската криза поради погрешни енергетски политики на Брисел, која трпи силни негативни влијанија поради тековната војна во Украина и која настрада и поради трговските тензии со САД, сега се соочува со нов силен удар што сѐ уште не го достигнал својот врв. Се разбира, тој нов предизвик е војната на Блискиот Исток. Европската индустрија во редослед трпи стравотни удари, за кои во голем дел е одговорна високата бирократија на ЕУ, а особено политиките на нејзината влада – Европската комисија (ЕК)
Војната со Иран и блокадата на Ормускиот Теснец повторно ја разгореа најболната точка на европските економии, а тоа е зависноста од енергија и суровини. Европската индустрија е во енергетски шок што ја носи на работ на агонија. Имено, индустријата користи скапи суровини и има несигурни, па дури и распаднати синџири на снабдување. Поради таа фактичка ситуација, индустријата на Стариот Континент влегува во „целосен кризен режим“.
Цената на нафтата скокна до речиси 120 долари за барел, што е двојно повеќе од почетокот на годината, додека нападите врз гасните постројки во Иран и Катар дополнително ги растресоа пазарите. За Европа, каде што цените на електричната енергија веќе се многу повисоки отколку кај конкурентите, ова претставува сериозен удар.
Веќе сега, според податоците на Меѓународната агенција за енергија, индустријата во Германија плаќа околу 132 долари за мегават-час електрична енергија, наспроти само 48 долари во САД. Тоа е веќе огромна разлика што директно ја подрива конкурентноста.
’Рбетот на економијата пука
Според нашиот соговорник, бизнисмен и инвеститор во германија, Доне Прентоски, најсилно се погодени германските мали и средни претпријатија, кои ја сочинуваат основата на економијата.
– Малите и средни компании немаат алтернативни синџири на снабдување, ниту финансиски резерви да ги апсорбираат овие нови шокови. Пример е компанијата „Гехем“, производител на индустриски хемикалии, која првпат по две децении размислува за отпуштања. Со раст на цените на клучни суровини како сулфаминската киселина за околу 20 отсто, трошоците на компанијата веќе се зголемени за стотици илјади евра. Инвестициите се замрзнати, проширувањата одложени, а иднината станува неизвесна. Ова не е изолиран случај, туку симптом на поширока криза што ги зафаќа секторите од хемикалии и пластика, металургија, текстил, но и други сектори – вели нашиот соговорник од Германија.
Распад на глобалните синџири на снабдување
Блокадата на Ормускиот Теснец не влијае само на енергијата. Таа ги прекинува и глобалните текови на клучни суровини: ѓубрива, сулфур, хелиум, алуминиум и пластика. Истовремено, транспортните трошоци растат, а испораките се одложуваат или целосно се прекинуваат.
Азиските доставувачи веќе прогласуваат „виша сила“, што дополнително ја продлабочува кризата. Европските компании се соочуваат со реалност во која не можат ниту да планираат производство ниту да гарантираат испорака.
Големите корпорации алармираат
Кризата не ги заобиколува ниту индустриските гиганти. Според медиумските информации од економските рубрики, компании како БАСФ, „Ланксес“, „Евоник“ и „Хенкел“ веќе најавуваат поскапувања, отпуштања и намалување на производството.
„Ланксес“ ќе укине стотици работни места, додека БАСФ ги зголемува цените и до 30 проценти. „Евоник“ предупредува дека трошоците не можат целосно да се префрлат на потрошувачите, што значи директен удар врз профитабилноста.
Дури и компании што се обидуваат да се адаптираат, како ЛЕГО со премин кон рециклирани материјали, признаваат дека основниот проблем останува – хронична нестабилност.
Европа нема да може да издржи уште еден стрес
Економистите предупредуваат дека Европа едноставно нема простор за уште една енергетска криза во толку краток период. Германија и Велика Британија се меѓу најранливите економии, а процените покажуваат дека само тие би можеле да изгубат околу 40 милијарди евра доколку високите цени на енергијата продолжат.
Во меѓувреме, бројот на банкроти расте.
– Повеќе од 24.000 компании пропаднаа само во Германија во 2025 година, што е највисоко ниво во последната деценија – вели нашиот соговорник од Германија, бизнисменот Доне Прентоски.
Проблемот повеќе не е само во еден шок туку во акумулацијата на повеќе шокови
Индустриските здруженија предупредуваат дека компаниите веќе работат во „целосен кризен режим“. Комбинацијата од геополитички ризици, скапа енергија, нестабилни пазари и прекинати синџири на снабдување создава средина во која долгорочното планирање станува речиси невозможно.
– Проблемот повеќе не е само во еден шок туку во акумулацијата на повеќе шокови. Пандемијата, инфлацијата, војната во Украина, тарифите и сега конфликтот со Иран. Сето тоа создава постојана нестабилност – вели соговорникот од Германија, Прентоски.
Новата нормалност на индустријата во ЕУ е работа во „целосен кризен режим“
Европската индустрија се наоѓа на критична точка. Доколку кризата на Блискиот Исток продолжи, последиците нема да бидат само привремени. Тие може да доведат до трајна ерозија на индустриската база на континентот.
– Веќе подолго време во Германија, како локомотива на европскиот развој, е присутна индустриската и економската стагнација. Јас како бизнисмен може од лично искуство да ви потврдам дека растот стагнира, а и опаѓа, профитите се топат, инвестициите се стопираат, а неизвесноста расте… За мене прашањето повеќе не е дали ќе има негативни последици, туку колку длабоки и долготрајни ќе бидат тие – ни изјавува нашиот соговорник, бизнисмен и инвеститор што подолго време живее и работи во Германија. Е.Р.
































