Слаѓана Вујошевиќ, актерка
Актерката Слаѓана Вујошевиќ е движечка алка на Турскиот театар во Скопје, има одиграно голем број улоги во претстави, филмови, турски телевизиски серии, кај децата е препознатлива по позајмувањето на гласот во „Светот на Биби“, а е и промоторка и едукаторка на актерската техника на Михаил Чехов, руски театарски актер и режисер. По успешната реализација на голем број работилници во Македонија и во странство, Вујошевиќ предаваше на тренинг-програма во „Театар Комедија“ во Скопје.
Што најмногу ве привлече кај техниката на Михаил Чехов?
– За време на додипломските студии во рака ми се најде неговата книга „Актерската уметност“. Ја прочитав, но ништо не разбрав, сето тоа што го пишуваше ми изгледаше многу апстрактно. За жал, на нашиот факултет не се изучуваше оваа техника и немав со кого да си ги одговорам прашањата. Неколку години подоцна, една од професорките на моите докторски студии, ми спомена дека ја познава хрватската актерка и професорка Сузана Николиќ, која е еден од основачите на „Михаил Чехов Европа“, организација што одржува тренинзи по оваа техника. Ова е знак од универзумот, си помислив. И така, ја започнав обуката како актер, потоа и како тренер. Ми стана и јасно зошто ми беше апстрактна, бидејќи ние имаме поинаков пристап. Како Чехов да ми даде мисија да работам на себе за да не остане студент со неодговорени прашања.
Која е најголемата разлика што ја забележувате во однос на другите актерски методи?
– На ФДУ-Скопје главниот фокус на предметот Актерска игра е ставен на системот на Станиславски. Тоа е нашата азбука, и тоа е разбирливо, бидејќи речиси сите други техники се изродени од неговиот систем. Моите професори Владо Цветановски и Мими Таневска ни пренесоа многу и од Гротовски и од Мајснер, а јас за време на студиите имав можност да посетам работилници за методот на Ли Стразберг, да се запознаам со пристапот на Барба, со некои основи на куклениот театар. Секоја техника ми донесе нешто поинакво од другите, но Чехов како да ми го освести значењето на „вистинското присуство на сцената“. Алатките на оваа техника му овозможуваат на актерот да зрачи на сцената, да биде отворен кон партнерот и да се поврзе со публиката на поинаков начин. Истовремено, овие алатки се апликативни и во секојдневниот живот и во која било друга професија. Овозможуваат да си „сега и овде“ во сѐ што правиш и да си свесен за секоја сензација во телото при сѐ што доживуваш.
Какви промени забележавте кај себе како актерка откако почнавте да ја практикувате техниката на Чехов?
– Кога започнав да играм на турски јазик, се соочував со најголемиот благодат, но и најголемото проклетство за актерот. Благодатот е во фактот дека храбро нурнуваш во нов предизвик што ретко кој си го дозволува, а проклетството е дека многу често публиката не гледа во тебе, туку го чита преводот над сцената. Интензивно размислував како може техниката на Михаил Чехов да ми помогне во тоа. Како да ја „заведам“ публиката да не гледа таму горе над мене, туку во мене, па и по цена да не разбере што зборувам. Сакам да се поврзе со мене и заедно да доживуваме, со целото тело, а не само со умот. Така, одлучив да го експериментирам тоа на нашето гостување на МОТ со турската претстава „Над земјата под облаците“, со театарот „Ентропи Сахне“. Претставата се отвора со мој монолог, кој започнува од зад публиката. Преводот пак се испишува на самата сцена. Ризикот е голем дека всушност цел мој прв монолог никој нема да погледне во мене, туку сите ќе читаат што говорам. Затоа решавам да искористам една од алатките на Михаил Чехов – ГЕСТ. Ќе направам движење со кое ќе ја „влечам“ публиката кон себе. Пред да започне претставата целото мое загревање и подготовка се состоеја само од физичко влечење. Јас со целото мое тело ја влечев замислената публика. Кога почна да влегува публиката, продолжив да го правам тоа движење, но само навнатре, замислено, без да го мрдам телото. Кога започна претставата продолжив да ги „влечам“ кон себе гледачите, но овој пат додека го изговарам текстот. На мое неверување, целата публика, сите до еден, гледаа во мене, се вртеа, потстануваа и сакаа да ме видат, никој не се заврти напред да чита превод, како да не им беше важно што говорам или како да не можеа да се спротивстават на таа сила што ги влече наназад. Тогаш сфатив, оваа техника е моќна. Прави чуда. Сакам подлабоко да ја истражувам!

Зошто мислите дека техниката на Михаил Чехов е особено значајна за современиот актер?
– Јас верувам дека секоја техника е осмислена со цел да понуди алатки што ќе го олеснат, но и збогатат креативниот процес. Сметам дека е исклучително важно да се изучуваат што е можно повеќе техники, не треба слепо да се врзуваме само за една. По истражувањето на повеќе техники, актерот може да направи свој систем на работа и да користи алатки од повеќе техники во различни пригоди и изведби. Она што за мене беше особено важно, беше можноста да ја изучам оваа техника детално, од секој агол, и искрено се надевам дека ќе имам можност да го направам тоа со што е можно повеќе техники.
Што најмногу ѝ се допаѓа на публиката или на студентите кога ја презентирате оваа техника?
– Додека ја следев обуката за тренер, паралелно започнав да одржувам работилници со студентите на ФДУ-Скопје. Добро се сеќавам, на првата работилница се пријавија студенти по актерска игра, но и студенти по режија. Режисерите ме замолија само да гледаат и, иако некое време се противеа, сепак успеав да ги убедам дека поинаку ќе ја доживеат техниката ако практично ги истражуваат алатките. Пет дена заедно интензивно работевме. На третиот ден еден од режисерите ме замоли да седи затоа што нема физичка сила да учествува. Му дозволив, но по некое време побара повторно да се придружи во работата, со објаснување дека сака да биде дел од таа магија што се создава на сцената. Со други зборови, јас не им ја презентирам оваа техника на студентите, јас само им ги пренесувам алатките за тие сами да ги доживеат бенефитите при креативниот процес.

Како актерот преку оваа техника може да развие поголема внатрешна слобода и автентичност во играта?
– Има актерски техники што го охрабруваат актерот да нурне во своето минато, да „копа“ по своите сеќавања, да ги разбуди траумите или среќните мигови од детството, и одново да ги оживее и преточи во ликови и приказни од драмскиот текст или сценариото што го држи во рака. Михаил Чехов, пак, верува дека тој извор може брзо да пресуши, затоа целата своја работа ја базира на имагинацијата, која ако ја негуваш, со работа, со читање, со акумулирање од секојдневието, никогаш нема да пресуши. Истовремено нуди вежби со кои го освестува телото, преку разни гестови го буди секое мускулче. Телото памти многу повеќе од умот. Ние може да го ставиме телото во склопчена позиција и наеднаш да ни навираат солзи како кога некој силно нѐ повредил. Но не мора да копаме по минатото и да бараме ситуации во кои сме биле повредени, телото ќе ги разбуди, без умот да ги разбере. Тоа му дава слобода на актерот да игра ликови за кои нема минато искуство, не мора да убиеме човек за да го играме Макбет, нели?
Со каква цел e вашата вклученост во работилниците со „Михаил Чехов Европа“?
– Имам една цел, што повеќе млади уметници во Македонија да го доживеат тоа што јас го доживував на секој од тренинзите што ги посетив во рамките на оваа организација. „Михаил Чехов Европа“ е организација што постои од 2008 година. Ја создале уметници од повеќе земји од Европа. Повеќето од нив се студенти на Џоана Мерлин, до неодамна единствената жива студентка на Михаил Чехов. Секој од нив има една иста мисија – да ја шири работата на Михаил Чехов. Со таа цел ја создаваат тренинг-програмата на која се пријавуваат учесници буквално од целиот свет. Јас, за жал или за среќа, сум единствената од Македонија. И сега ја делам нивната мисија. Да ја ширам работата на Михаил Чехов во Македонија, а се надевам наскоро и на Балканот!
Што би им порачале на младите актери што размислуваат да ја истражуваат техниката на Михаил Чехов?
– Да не се двоумат и да не губат време, јас би дала сѐ да можам да се вратам во времето и да си го овозможев ова многу порано, за, ете, сега да имам време да изучувам уште повеќе техники. За жал, во мое време немаше таква можност, надвор од факултетот инцидентно се случуваа еднодневни или дводневни работилници, требаше да чекаме некој фестивал да ги донесе значајните уметници кај нас. Јас морав да патувам во Хамбург, во Загреб, во Истанбул за да ги комплетирам сите модули од „Михаил Чехов Европа“ и да ја изучам целата техника. А сега, за првпат, модулите се одржуваат во Скопје, што значително ги намалува и времето и трошоците. Првата работилница се одржа во февруари во организација на ВЕТРА АРТ, но наскоро ќе има и нова.































